ФИЛИПЧЕ БИ ГО ПРОДАЛ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ЗА ДА СТАНЕ ПРЕМИЕР, ИСТО КАКО ЗАЕВ Избира да служи на туѓи држави и да исполнува туѓи агенди
Граѓаните нема да дозволат уште еден Заев да ѝ се случи на Македонија, нема да дозволат уште една национална отстапка, нема да дозволат понатамошно обезличување на Македонија, пазарење со националните интереси и редефинирање на македонската историја, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Не е тешко да се заклучи што сака да постигне Венко Филипче со неговата гласност за внесување на Бугари во Уставот, со оглед на тоа што СДСМ секогаш се движи по истата траекторија на национални отстапки, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Последните уставни измени кои се случија беа за промена на името на државата, за што заслужен беше менторот на Филипче, Зоран Заев. СДСМ дојде на власт со изгубени избори, со лажни ветувања за европска иднина, а сега Филипче повторно се обидува да ја продаде истата приказна. СДСМ ја доведе Македонија да биде блокирана на патот кон ЕУ, затоа што на никој од СДСМ, ниту од претходниот состав на Заев, ниту од овој не толку нов состав на Филипче, не му се приоритет националните интереси, ниту македонскиот идентитет“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче сега се обидува да го наметне истото сценарио со Бугарија, се додава во соопштението.
„Со месеци се додворуваше на Бугарија, на Румен Радев, па даваше изјави во јавноста усогласени со бугарското МНР, се нудеше за некако да се продаде кај нив, затоа што од македонските граѓани доби јасни пораки на неколку последователни избори и знае дека народот нема да го гласа“, сеоопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Ставовите на официјална Софија се дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека Македонците и Бугарите се ист народ во две држави и дека македонските револуционери се Бугари, потенцира партијата.
„Филипче на чело на СДСМ е подготвен да ја редефинира македонската историја, затоа што сонува за премиерска фотелја. По примерот на Заев, Филипче исто така кажува дека е подготвен на нова национална отстапка што ќе му ја овозможи оваа фотелја. Вели дека ако било до него веднаш би ги вметнал Бугарите во Уставот, без понатамошни гаранции. Оттука, може да се заклучи дека Филипче ги следи комплетно истите чекори на Заев. Вели дека македонскиот идентитет не бил загрозен што комплетно се коси со ултиматумите кои Бугарија и ги наметнува на Македонија при евроинтегративниот процес. Филипче би избрал да служи на туѓи држави, да исполнува туѓи агенди, а очигледно и највисокото раководство на СДСМ се усогласува со ова, со оглед на тоа што лица од ИО на СДСМ постојано се во комуникација со контроверзни лица и лица кои за цел имаат да шират бугарска пропаганда во Македонија“, предупредува ВМРО-ДПМНЕ.
Но, ова нема да помине, категорична е партијата.
„Филипче и СДСМ ги потценуваат граѓаните. Граѓаните нема да дозволат уште еден Заев да ѝ се случи на Македонија, нема да дозволат уште една национална отстапка, нема да дозволат понатамошно обезличување на Македонија, пазарење со националните интереси и редефинирање на македонската историја. Народот сака предвидлив евроинтегративен пат, со јасни црвени линии, а не лик кој се однесува како специјален бугарски пратеник на Бугарија во Македонија и кој застапува антидржавни политики само за да дојде на власт и по претходен пример да ја испразни државната каса“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.