ЕВРОПСКАТА УНИЈА СЀ УШТЕ ПОПУЛАРНА КАЈ МАКЕДОНЦИТЕ Дури 71,8% веруваат дека Македонија ќе влезе во ЕУ кога-тогаш
Иако голем дел од граѓаните се оптимисти дека Македонија би можела да стане дел од Унијата во следните пет години, сепак, расте перцепцијата дека односот на Европска Унија кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки.
Дури 65,7 отсто од македонските граѓани сметаат дека членство на Македонија во Европска Унија е најдобрата алтернатива, а помалку од една третина сметаат дека Македонија треба да бара сопствен модел за развој надвор од Унијата, покажува истражувањето „Еврометар 2026“ изработено од организацијата Еуротинк.
Истражувањето покажува закрепнување на еврооптимизмот во државата. Најголем дел од граѓаните (28,2) веруваат дека Македонија никогаш нема да стане дел од европското семејство. Од оние кои се оптимисти, пак, 23,3% сметаат дека тоа ќе се случи во наредните пет години, а околу 30% дека тоа ќе се случи во наредните 5 до 14 години. Бројот на раѓаните кои веруваат дека за пет години отсега ќе бидеме дел од Европска Унија за три години се зголемил од 10,2 на 23,3%.
Меѓутоа, истражувањето покажува и една контрадикторност. Иако голем дел од граѓаните се оптимисти дека Македонија би можела да стане дел од Унијата во следните пет години, сепак, расте перцепцијата дека односот на Европска Унија кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки.
Во однос на демократијата – подобрено е мислењето на граѓаните. За само три години, бројот на граѓани кои сметаат дека во Македонија нема демократија паднал од 56% на 39%. Сепак, само мал дел сметаат дека работите во државата се движат во добра носока.
Анализата покажува и етнички јаз – поддршката за ЕУ е драстично поголема кај помалите етнички заедници, додека скептицизмот преовладува кај Македонците. На полето на информирањето, телевизијата останува силен медиум за политички теми , но на интернет доминираат социјалните мрежи со над 91 процент поддршка како примарен извор на политички и европски вести.
Истражувањето е спроведено од 22 мај до 8 јуни на репрезентативен примерок од 1001 испитаник.
