ЕУ ЌЕ ГРАДИ 7 ГИГАФАБРИКИ ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Дури 76 компании пројавиле интерес за аплицирање на тендерот
Десет земји досега покажаа интерес за домаќинство на гигафабрики: Германија, Италија, Франција, Полска, Чешка, Данска, Финска, Грција, Португалија и Шпанија.
Европската комисија објави тендер за финансирање до седум таканаречени гигафабрики за вештачка интелигенција, со што се приклучува во глобалната трка за развој на сопствена инфраструктура за вештачка интелигенција.
Целта е да се изградат големи компјутерски центри за обука на напредни модели на вештачка интелигенција и со тоа да се намали заостанувањето зад глобалните конкуренти, пишува Euronews.
Ова се центри за податоци опремени со најсовремени специјализирани чипови, кои се неопходни за обука на нова генерација технологии за вештачка интелигенција, како што се јазични модели кои обработуваат трилиони податоци. Проектот е дел од поширока стратегија за постигнување на технолошкиот суверенитет на Европската Унија и намалување на зависноста од странски добавувачи на чипови и услуги во облак.
Иницијативата привлече голем интерес од индустријата, при што дури 76 кандидати изразија прелиминарен интерес за аплицирање. Поради оваа причина и заради подобра географска покриеност, Комисијата го прошири почетниот план од четири или пет на седум фабрики.
Десет земји досега покажаа интерес за домаќинство на гигафабрики: Германија, Италија, Франција, Полска, Чешка, Данска, Финска, Грција, Португалија и Шпанија.
Проектите можат да бидат независни или заеднички, а Франција веќе објави дека планира независно изведување.
Процесот на набавка ќе се одвива во две фази во текот на следните шест и пол години, а таков постепен пристап беше избран првенствено поради ограничените финансиски ресурси.
Иако на почетокот беше спомената инвестиција од 20 милијарди евра, јавниот удел беше намален на приближно една третина од вкупната инвестиција, додека преостанатите две третини треба да ги обезбедат приватни партнери.
Од јавниот дел, половина ќе го обезбеди Брисел, а остатокот земјите-членки кои учествуваат во проектот. Ова значи дека од Брисел се очекуваат околу 5 милијарди евра, ист износ од владите-членки и околу 20 милијарди евра од приватниот сектор.
Проблемот е што според тековниот буџет, Брисел може да обезбеди само една милијарда евра. Остатокот од средствата зависи од следната Повеќегодишна финансиска рамка (MFF), за која земјите-членки сè уште преговараат.