🎥 ЕКСПЛОЗИИ ВО РИЈАД, ЦРН ЧАД НАД АЕРОДРОМОТ Гори резервоар за гориво, патници бегаат во паника

Властите на Саудиска Арабија сè уште не објавија што го предизвикало пожарот, ниту пак официјално го поврзаа со напад од јеменските Хути.

75

Во саудиската престолнина Ријад денеска се слушнаа експлозии, а голем облак од црн чад и пламен се појави пред меѓународниот аеродром „Крал Халид“, неколку часа откако саудиските власти издадоа воздушно предупредување до жителите.

Репортер на АФП на местото на настанот видел пожарникари како гаснат изгорен резервоар за гориво со логото на саудискиот нафтен гигант „Арамко“. Фотографиите на Ројтерс, исто така, покажуваат голем облак од црн чад што се издига од просторот за складирање гориво во близина на аеродромот.






Саудиските власти сè уште не објавија што го предизвикало пожарот, ниту пак официјално го поврзаа со напад од јеменските Хути.

На аеродромот „Крал Халид“ има големи доцнења и откажувања на летовите.

Во текот на ноќта, саудиската цивилна одбрана испрати предупредување до жителите на Ријад дека областа е под „непријателска воздушна закана“ и ги повика да останат во затворен простор.

Подоцна беше објавено дека опасноста поминала. Тоа е првата таква тревога во саудиската престолнина откако борбите со Хутите во соседен Јемен повторно се разгореа во последните месеци.

Хутите, поддржани од Иран, извршија серија напади со беспилотни летала и ракети врз Саудиска Арабија во последните недели. Во четврток едно лице беше убиено, а две беа повредени кога делови од пресретнат беспилотен авион на Хутите паднаа во областа Таиф. Саудиската воздушна одбрана, исто така, пресретна беспилотно летало за кое Ријад тврдеше дека летало кон Мека. Хутите негираа дека го таргетирале светиот град.

Конфликтот дополнително ескалираше по големиот напредок на Хутите по должината на брегот на Црвеното Море во Јемен. Тие го освоија стратешкото пристаниште Мока и островот Перим во теснецот Баб ал-Мандаб, еден од клучните поморски патишта во светот.

Саудиска Арабија ги поддржува меѓународно признатите јеменски власти и во последните денови изврши голем број воздушни напади врз позициите на Хутите.

Портпаролот на војската на Хутите, Џаџа Сари, вчера рече дека Саудиска Арабија извршила околу 300 напади врз Јемен во изминатата недела и предупреди дека нападите нема да останат без одговор.

Вчера, Советот за безбедност на ОН ги осуди нападите на Хутите врз Саудиска Арабија и повика на прекин на конфликтот.

Досега нема официјална потврда дека денешните експлозии и пожари во близина на аеродромот во Ријад се резултат на напад на Хутите.

Поврзани содржини