ЕКС-ДИРЕКТОР НА СТРУМИЧКИ „КОМУНАЛЕЦ“ ЈА ИЗДАВАЛ КАПЕЛАТА НА ГРОБИШТАТА Претпријатието заработило 30.000 евра преку двоен договор со фирма
Против екс-директорот денеска, 29 април, е поднесена пријава за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ чл.353, додека против управителот на фирмата е поднесена пријава и за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ чл.353 ст.4 в.в. и за дело „Соизвршителство“ според чл.22 од Кривичниот законик.
Поранешен директор на јавното комунално претпријатие во Струмица е осомничен дека инкасирал во буџетот на оваа институција повеќе од 30.000 евра овозможувајќи ѝ на компанија да користи деловен простор во Градската капела на гробиштата во Градот и да врши дејност оператор на погребални услуги во простор кој не смее да се издава на трети лица за тие намени, велат од МВР за Плусинфо.
Според соопштението првопријавениот З.Г., екс-директор во ЈПКД „Комуналец“ Струмица ја злоупотребил службената положба и во 2022 и во 2023 година потпишал два договори за закуп на просторот на 10 години со второпријавениот Е.Н., управител на компанијата ДПТУ „МАРИЈА ПОЛИ ПЛАСТ“ Струмица.
„Имено, првопријавениот извршувајќи ја функцијата директор на ЈПКД „Комуналец“ Струмица во текот на 2022 година злоупотребувајќи и искористувајќи ја својата службена положба склучил Договор под закуп на деловен простор лоциран во Градска капела на Градски гробишта во Струмица со второпријавениот како управител на правното лице ДПТУ „МАРИЈА ПОЛИ ПЛАСТ“ ДООЕЛ Струмица со закупнина од 14.200 денари со ДДВ месечно за период од 10 години или вкупно 170.400 денари за една година.
Во 2023 година првопријавениот со второпријавената како управител на правното лице ДПТУ „МАРИЈА ПОЛИ ПЛАСТ“ ДООЕЛ Струмица, и покрај тоа што сè уште им траел Договорот за закуп со умисла извршиле и второ временски поврзано дејствије искористувајќи ист траен однос со што потпишале уште еден ист Договор за закуп за период од 10 години и покрај тоа што претходниот договор од 2022 година бил во важност за кое нешто од страна на второпријавената како управител веднаш е извршена уплата за закупнина во вкупен износ од 1.704.000 денари.
Со таквите дејствија првопријавениот во дејствије со второпријавената постапиле спротивно на член 4 став 2 од Законот за гробишта и погребални услуги и член 7 став 1 точка 4 од Закон за заштита и конкуренција со што му овозможил на второпријавениот да ја врши дејноста како оператор на погребални услуги и да се стекне со имотна корист вршејќи дејност во објект кој согласно Законот за гробишта и погребални услуги и Правилникот за нормативи и технички стандарди и здравствено -санитарни услови за изградба и реконструкција на гробиштата не смее да се даде под закуп на трети лица“, се вели во соопштението на МВР.
Против екс-директорот денеска, 29 април, е поднесена пријава за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ чл.353, додека против управителот на фирмата е поднесена пријава и за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ чл.353 ст.4 в.в. и за дело „Соизвршителство“ според чл.22 од Кривичниот законик.