ЌЕ ОСТАНЕМЕ ЛИ БЕЗ ЈАЈЦА ЗА ВЕЛИГДЕН? Европа бара македонски јајца, а домашниот пазар се соочува со недостиг

Производителите велат дека е можно да има недостиг на јајца за Велигден кога се поклопуваат католичкиот и православниот, но не можат да кажат во кој обем ќе се случи тој недостиг и колку долго ќе трае бидејќи недостиг на овој производ има во целиот свет.

347

Ниската цена на јајцето која е замрзната со владините мерки до 30 април и високата цена на увезеното јајце која незапирливо расте на европскиот и регионалниот пазар поради актуелната состојба со птичјиот грип и зголемената побарувачка, може да ги остави граѓаните без јајца за Велигден, но и подолг период потоа.

Производителите на јајца велат дека е можно да има недостиг на јајца за Велигден кога се поклопуваат католичкиот и православниот, но не можат да кажат во кој обем ќе се случи тој недостиг и колку долго ќе трае бидејќи недостиг на овој производ има во целиот свет.






– На глобално ниво има огромен недостиг на јајца. Поради болеста се убиени голем број птици, а процесот на обнова трае побавно отколку што раст побарувачката за јајца. Сето тоа влијае на пазарот и цената на јајцето која незапирливо расте. Последната цена од пред една недела се движи од 17 до 20 центи на пазарот на големо. Оваа глобална состојба, сакале или не, ќе се преслика и на нашиот пазар и може да доведе го голем недостиг на јајца. За да ви доловам колку е лоша состојбата на европскиот пазар ќе ви кажам дека имам понуда од фирма од Велика Британија од каде што досега никој не се јавил за да купи јајца од Македонија. Фирмата нуди едногодишен договор со континуирана испорака на одредена количина на јајца секоја недела по цена на јајцето која јас ќе им ја дадам. Досега никој не потпишувал континуиран договор од една година – вели сопственик на живинарска фарма.

Производителите забележуваат дека и владината мерка за замрзната цена на јајцето и обврската 70% од производството да се нуди на домашниот пазар нема да ја подобри состојбата бидејќи и без тоа само 30% од производството се извезува.

– Цената на јајцата на домашниот пазар е замрзната на 7 денари парче, а на пазарите во регионот и Европа секој ден расте. Со оглед на тоа што дел од нашето производство на јајца е наменето за извоз за што се потпишани договори, тешко дека ќе можеме да пренасочиме дел од производството на домашниот пазар, ако се случи недостиг на јајца за празникот. Таква постапка би го нарушила нашиот извозен рејтинг, нема да можеме повторно да се појавивме на тој пазар, а дополнително би требало да плаќаме казни за нереализирани договори со странците. Во сегашни услови на производство и пласман ние нема да издржиме еден таков удар како сектор – вели сопственик на живинарска фарма.

Недостиг на јајца за Велигден, велат познавачите на пазарот со јајца, ќе се јави и поради диспаритетот на цената на домашното и увозното јајце што ќе им направи проблем на увозниците.

– Тешко некој дека ќе се одлучи да увезува поскапо јајце за да го продава по пониска цена од увозната, бидејќи свесно ќе оди во загуба. А тоа ќе предизвика недостиг на јајца. Дополнително, домашните производители на јајце се ограничени да обезбедат 70% од продаденото во јануари кога пласманот на јајца е традиционално низок. Тоа значи дека тие за неполна недела во април ќе ја исполнат квотата за пласман на јајца на домашниот пазар и нема да бидат обврзани да продаваат поголеми количини, ако веќе имаат договорено извоз по повисока цена – вели трговец.

Економистот Маријанчо Николов вели дека решение на проблемот има кај Владата.

– Владата треба да седне со производителите и да најде решение пред да се случи недостиг на јајца пред празникот, но тоа решение не треба да биде на штета ниту на производителите, ниту пак на граѓаните кои очекуваат поевтино јајце пред празникот. Дали притоа ќе се искористат царински ослободувања за репроматеријалите кои се користат во живинарското производство, дали ќе се даде живинарска храна од стоковите резерви или нешто друго ќе зависи од анализата која треба да се направи и подготвеноста на Владата да го реши проблемот – вели Николов.

Како ќе реагира Владата во вакви услови засега не се знае иако има на располагање две можности. Да ја одмрзне цената на јајцето пред предвиденото или да го забрани извозот, со што домашните производители ќе ги стави во лоша состојба.

Македонските јајца се продаваат во Бугарија, Србија, Хрватска, Грција, Романија, Унгарија и во Италија, а во увозот предничи Србија, но нивната цена сега таму е повисока од нашата. До 30 април, Владата, меѓу другите, ја замрзна и цената на јајцата, а дополнително нивната маржа е ограничена на 5%. Производителите се обврзани да продаваат 70% од продаденото во јануари.

Во земјава дневно се произведуваат околу 800.000 консумни јајца.

Последните податоци за извозот на јајца од земјава се за 2023 година, кога се извезени во вредност повисока од 4 милиони долари. Истата година од Србија и други земји се увезени јајца во вредност од 2,4 милиони долари.

Поврзани содржини