АМЕРИКАНСКАТА ЦЕНТРАЛНА БАНКА ПРЕД ПРВО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАМАТИТЕ ПО ТРИ ГОДИНИ? Волстрит очекува удар од 0,25 процентни поени
Ако ФЕД утре, а европската централна банка до крајот на годината, што ќе рече истовремено, ја затегнат политиката додека енергијата поскапува, ризикот е трендот на глобалната економија да биде комбинација од послаб раст, поскапо кредитирање и продолжена висока инфлација.
Американската централна банка (ФЕД) е пред една од најнеизвесните, но и најважните одлуки за монетарната политика во последните години. Федералниот комитет за отворен пазар (ФОМЦ) денеска, 15 септември, ја почна дводневната седница, а одлуката ќе биде објавена утре, 16 септември. Според најновите очекувања на финансиските пазари и на мнозинството економисти во анкетата на Ројтерс, најверојатното сценарио сега е зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, од сегашниот распон од 3,50–3,75 отсто.
Драматичен пресврт на прогнозите
Пресвртот е драматичен. Уште на 9 септември мнозинството економисти анкетирани од Ројтерс очекуваа ФЕД да не ги менува каматите до крајот на годината. Само пет дена подоцна, новата анкета покажа дека 31 од 50 економисти очекуваат зголемување за 25 базични поени, а 19 очекуваат непроменета стапка. Причината се новите податоци за инфлацијата и за пазарот на трудот, кои ја засилија оценката дека американската економија може да издржи дополнително монетарно затегнување.
Најсилниот аргумент за зголемување на каматите е инфлацијата. Потрошувачките цени во август пораснаа за 0,4 отсто во однос на јули, а годишната инфлација достигна 3,4 отсто. Базичната инфлација, без храната и енергијата, исто така останува тврдоглава. Истовремено, производствените цени во август се зголемија за 0,4 отсто, а за 5,4 отсто во однос на истиот месец минатата година. Дополнителен проблем е нафтата, чија цена се искачи над 100 долари за барел, создавајќи опасност новиот енергетски шок повторно да се прелее врз цените на стоките и услугите.
Што прогнозираат големите банки?
Затоа и големите банки брзо ги менуваат прогнозите. Морган Стенли денеска прогнозира дека ФЕД ќе ја зголеми каматата за 0,25 процентни поени утре, а потоа уште еднаш во декември. Банката смета дека процесот на намалување на инфлацијата е премногу бавен, додека силната побарувачка, инвестициите поврзани со вештачката интелигенција и високите енергетски цени бараат порестриктивна политика. Ситигруп, пак, веќе ја помести прогнозата за следното намалување на каматите дури во 2027 година.
Пазарите веќе се однесуваат како зголемувањето да е речиси неизбежно. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници денеска ја проби границата од 5 отсто, првпат од 2007 година, додека Волстрит повторно падна. Дау Џонс загуби 0,82 отсто, С&П 500 околу 0,47 отсто, а Насдак 0,78 отсто. Посебно се чувствителни технолошките и АИ-компаниите, бидејќи повисоките камати ја зголемуваат цената на капиталот и ја намалуваат сегашната вредност на нивните очекувани идни профити.
Лоша вест за Европа
Ефектите од евентуалното зголемување нема ќе ги засегнат и економиите надвор од САД. Повисоките американски камати и приноси обично го прават доларот и американските обврзници поатрактивни, извлекувајќи капитал од другите пазари. Тоа создава притисок врз валутите на земјите во развој и ги поскапува нивните долгови деноминирани во долари. Индија веќе е пример: рупијата е под притисок, приносите на државните обврзници растат, а пазарот сè повеќе очекува и индиската централна банка да одговори со повисоки камати.
За Европа комбинацијата може да биде уште понепријатна: скапа нафта, повисоки американски камати и можност за ново монетарно затегнување од Европската централна банка. Морган Стенли сега прогнозира дека и ЕЦБ во декември би можела да ја зголеми депозитната стапка за 25 базични поени, на 2,75 отсто.
Дали сме пред нов циклус на поскапување на парите?
Ако ФЕД и ЕЦБ истовремено ја затегнат политиката додека енергијата поскапува, ризикот е трендот на глобалната економија да биде комбинација од послаб раст, поскапо кредитирање и продолжена висока инфлација.
Како и да е, ако ФЕД утре ја крене стапката на 3,75–4,00 отсто, клучно ќе биде што ќе каже претседателот Кевин Ворш на прес-конференцијата и какви ќе бидат новите проекции на членовите на ФОМЦ. Пазарите ќе бараат одговор дали станува збор за превентивно зголемување поради новиот инфлациски бран или за почеток на нов циклус на поскапување на парите. Второто сценарио би било многу поголем проблем за акциите, обврзниците, задолжените компании и за светската економија во целина.