ЌЕ ИМА ОПАСНИ ПОСЛЕДИЦИ ВО ТЕСНЕЦОТ Иран се закани кон САД, Кина бара мирна пловидба
Шефот на дипломатијата на Иран во разговор со својот кинески колега предупреди дека американските потези во регионот ќе ја влошат ситуацијата. Кина, пак, го повика Иран да ја смири ситуацијата во Ормускиот Теснец, фалејќи ја отпорноста на иранските сили.
Министерот за надворешни работи на Иран Абас Арагчи во телефонски разговор со својот кинески колега Ванг Ји остро ги критикуваше американските потези во регионот.
– Провокативните дејствија на САД дополнително ќе ја комплицираат ситуацијата – порача Арагчи.
Иранскиот министер алудираше на обидите на САД да воспостават, како што ја нарекува, „морска блокада“.
Тој предупреди дека ваквите чекори директно влијаат врз бродскиот сообраќај во Ормускиот Теснец. Ставот на Техеран останува дека ваквите потези носат ризик од ескалација.
„Отпорни сте, ама смирете ја топката“
Кинескиот министер за надворешни работи ја пофали „отпорноста“ на иранскиот народ. Тој нагласи дека Пекинг е подготвен да помогне во дипломатските напори.
Сепак , Ванг Ји го повика својот ирански колега да вложи напори за враќање на нормалната пловидба низ Теснецот.
Ванг Ји смета дека суверенитетот и безбедноста на Иран во Ормуз треба да се почитуваат и заштитат, но додаде дека слободата и безбедноста на пловидбата низ водниот пат исто така мора да бидат гарантирани.
10 точки на САД и условот на Техеран
Лидерот на САД Доналд Трамп оцени дека иранскиот предлог од 10 точки може да биде основа за разговори. Но, по средбата во Исламабад, Техеран обвини дека „прекумерни барања“ од Вашингтон го попречиле договорот.
Иран инсистира дека целосен прекин на нападите е клучен предуслов.
Ветото во ООН помогна против ескалација?
Кина и Русија на 7 април ставија вето на резолуција поврзана со теснецот. Техеран тврди дека Ормускиот Теснец е затворен за „непријателски земји“.
Арагчи оцени дека ваквиот потег помогнал да се спречи дополнителна ескалација.