ТРАМП ВЕЛИ „НЕ МУ ПОНУДИВ НИШТО“ НА ИРАН Кој прв ќе направи отстапка во преговорите?

Американскиот претседател ги отфрли информациите дека Вашингтон нуди ублажување на санкциите и одмрзнување милијарди долари за нуклеарни отстапки од Техеран.

0

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вели дека не му понудил „ништо“ на Иран, но дипломатските разговори продолжуваат со посредство на Катар и Пакистан. На маса остануваат иранската нуклеарна програма, санкциите, замрзнатите средства и условите за повторно отворање на Ормускиот Теснец.

Демантот следуваше откако порталот Аксиос, повикувајќи се на американски претставници, објави дека администрацијата на Трамп разгледува економски олеснувања за Техеран во замена за отстапки околу нуклеарната програма.






Трамп реагираше преку Трут Соушл.

„Ова не е точно. Не им понудив НИШТО“, напиша американскиот претседател, нарекувајќи ги информациите „измама“.

Но демантот не значи и прекин на дипломатските контакти. Американски и ирански претставници одделно разговараа со посредници, а дополнителните разговори треба да се вртат околу изменета верзија на седумдневниот предлог што Техеран го претстави минатата недела.

Иранскиот план предвидува прекин на непријателствата, одмрзнување милијарди долари и укинување на санкциите за иранската нафта и американската блокада на иранските пристаништа. За возврат, Иран би дозволил повторно отворање на Ормускиот Теснец и продолжување на разговорите за својата нуклеарна програма.

Трамп претходно го отфрли иранскиот предлог, но истовремено најави дека очекува американските преговарачи повторно да разговараат со другата страна во текот на оваа недела.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, кој остана во Њујорк по Генералното собрание на ОН, порача дека Техеран ја очекува конечната американска реакција.

– Нашите услови се јасни и секој чекор кон повторно отворање на Ормускиот Теснец зависи од исполнувањето на тие услови – рече Арагчи.

Американски претставник вклучен во индиректните контакти ги опиша разговорите како „позитивни и конструктивни“, но посочи дека остануваат несогласувања околу нуклеарната програма, временската рамка и прашањето која страна треба прва да направи отстапка.

Поврзани содржини