СКАНДАЛ ШТО ЈА ПОТРЕСЕ РОК-СЦЕНАТА Поранешен член на познат бенд обвинет за обид за убиство
Гитаристот Брејди Еберт наводно со автомобил тешко го повредил Вилијам Јејтс, таткото на Брендан Јејтс, фронтменот на наградуваниот бенд „Turnstile“.
Музичката сцена е во шок по веста дека Брејди Еберт, поранешен гитарист на наградуваниот бенд Turnstile, е обвинет за обид за убиство по брутален инцидент во Соединетите Американски Држави.
Она што на почетокот изгледало како изолиран конфликт, според новите информации, е всушност кулминација на повеќемесечни тензии и загрижувачко однесување.
Според извештаите, инцидентот се случил на 29 март 2026 година во Мериленд, кога Еберт наводно со автомобил намерно го удрил Вилијам Јејтс, 79-годишниот татко на пејачот Брендан Јејтс.
Според полицијата и сведоците, Еберт дошол пред семејната куќа, свирел со автомобилот и извикувал навреди, потоа си заминал, но набргу се вратил и тргнал со возилото кон постариот маж. Додека Јејтс се обидувал да избега, бил удрен и претрпел тешки повреди на нозете, вклучително и скршеница со видлива коска.
Истрагата покажала дека ова не е прв судир меѓу Еберт и семејството Јејтс. Во неделите пред нападот биле пријавени повеќе инциденти – од навреди до опасно возење во близина на нивниот дом.
Во еден случај, Еберт наводно веќе се обидел да го заплаши Јејтс со автомобил, а во друг извикувал навреди кон членовите на неговото семејство, вклучително и кон децата.
Дополнително, снимки од надзорни камери наводно покажуваат дека прво се обидел да го удри, потоа се повлекол, па повторно забрзал и го удрил додека жртвата се обидувала да побегне. Особено вознемирувачко е што, според сведочењата, по нападот се вратил и му рекол на повредениот маж дека „го заслужил тоа“.
По апсењето кон крајот на март, Еберт се наоѓа во притвор без можност за кауција. Против него се подигнати обвиненија за обид за убиство од втор степен и напад од прв степен, а судот го оквалификувал нападот како насочен и исклучително насилен.
Иако пред судот се изјаснил дека е невин и тврдел дека снимките ќе одат во негова корист, обвинителството смета дека доказите јасно укажуваат на намера.
Случајот има подлабоки корени. Еберт бил еден од основачите на Turnstile, но во 2022 година бил исфрлен од бендот поради проблематично однесување и закани со насилство.
Членовите на бендот тогаш истакнале дека се обиделе да му помогнат, но биле принудени да ја прекинат соработката кога комуникацијата станала невозможна.
По заминувањето, Еберт продолжил јавно да го критикува бендот, а неговото однесување, според извори блиски до сцената, станувало сè понестабилно и поагресивно. Конфликтот дополнително ескалирал откако Turnstile освои Греми награда за најдобар рок-албум, по што Еберт јавно ги нападнал членовите.
Во меѓувреме, Вилијам Јејтс бил итно опериран и моментално се опоравува од тешките повреди на нозете.
Бендот Turnstile јавно го осуди нападот и изрази олеснување што тој преживеал, порачувајќи дека повеќе немаат што да кажат за својот поранешен колега.
Случајот против Брејди Еберт сè уште е во тек, а следните рочишта се очекуваат во наредните недели.