ДВИЖЕЊЕТО ЗНАМ НЕМА КОНЕЧЕН ДОГОВОР ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ВЛАДАТА Портпаролот Мемов вели дека „сите опции се отворени“
Имавме неколку средби на партиско лидерско ниво и преговарачките тимови работат во континуитет. На маса се сите отворени теми. Нема конечен договор за ниту едно прашање. Очекуваме разврска кон средината на следната недела - изјави Мемов.
Портпаролот на Движењето ЗНАМ Никола Мемов за најавената реконструкција на Владата рече дека сè уште нема конечен договор за ниту едно прашање.
На прес-конференција, Мемов истакна дека ЗНАМ направила детална анализа на работењето на своите функционери, вклучително и на двајцата министри.
– Ние направивме анализа на работењето на нашите функционери и генералната оценка е дека се во рамките на спроведување на владината програма – рече Мемов.
Тој додаде дека преговорите за реконструкцијата на Владата се одвиваат во континуитет.
– Имавме неколку средби на партиско лидерско ниво и преговарачките тимови работат во континуитет. На маса се сите отворени теми. Нема конечен договор за ниту едно прашање. Очекуваме разврска кон средината на следната недела – изјави Мемов.
На прашање дали ЗНАМ бара некој ресор доколку го напушти Министерството за правда, Мемов потсети дека партијата не барала да влезе во Владата, туку била поканета од ВМРО-ДПМНЕ врз основа на изборните резултати и кадровскиот потенцијал.
Мемов додаде дека се прави анализа и евалуација на работата на сите министри во владата, а не само на оние од ЗНАМ, и дека партијата влегла во Владата за остварување на програмските цели, а не за задоволување на лични или партиски амбиции.
На прашањето дали постои можност ЗНАМ да нема конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ, Мемов кусо одговори дека „сите опции се отворени“.