Две години солидно менаџирање на економијата и подготовки за клучните реформски потфати – како понатаму?

Бројките и фактите велат дека оваа влада има право да се пофали дека ја извела земјата на трасата што води кон сигурно економско закрепнување. Но, да бидеме внимателни. Капиталните политики даваат резултати на подолг рок, а кабинетот на Христијан Мицкоски влегува на полето на важни реформи во време кога опозицијата се обидува да предизвика политичка криза и блокада на политичкиот процес.

0

Јавната полемика меѓу опозицијата и власта, но и меѓу јавни личности и медиуми афилирани кон страните, чиј повод беше двегодишнината од мандатот на владата на премиерот Христијан Мицкоски, уште еднаш јасно покажа дека на политичката сцена во Македонија е исклучително тешко, дури и невозможно да се води дебата во која ќе се признае и ќе се почитува врховниот авторитет на фактите. Умееме ние често да се повикаме на онаа мудра мисла дека пред фактите молчат и боговите, но во исто време за многу нешта за кои фактите ни се познати и достапни, претпочитаме да судиме врз основа на „перцепции“ и „мислења“, приклонувајќи се така кон голата пропаганда и кон сопствените навивачки страсти.

А ова е време кога секој има свое мислење за се и сешто, кога секој има можност да го соопшти тоа мислење и кога речиси никој не дозволува фактите да му го сменат или барем да му го изнијансираат. Како сите да се плашат од онаа спасоносна ронка сомнеж, која е основната супстанција од која еманира знаењето. И затоа, основното правило на бруталната пропаганда на сите полиња – особено во политиката! – е наративите што повеќе да се во конфликт со фактите. Неверојатно но вистинито, тоа важи дури и кога на ниво на пропагандни памфлети се коментираат податоци, бројки и факти кои се неспорни, зашто се мерливи – како во економијата, на пример.






Дали влегуваме во фаза на реално економско закрепнување?

Две години по формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери Вреди и ЗНАМ, веќе може да се направи првична оценка на резултатите, врз основа на мерливи економски и институционални показатели. Иако повеќето капитални политики имаат ефекти што се чувствуваат на подолг рок, веќе се достапни доволно статистички податоци за да се процени во која насока се движат македонската економија, јавните инвестиции и клучните јавни системи.

Треба ли да се каже дека најважниот индикатор за состојбата на една економија е бруто домашниот производ? Ноторен факт е дека по две години мандат, Македонија бележи седум последователни квартали со економски раст од околу 3%, кој во 2025 година достигна 3,5%. Меѓународните финансиски институции оценуваат дека растот најмногу произлегува од инвестициите, градежништвото и од домашната потрошувачка. Не е факт, но е прилично основана претпоставка дека е создадена добра основа во наредните години порастот на БДП да се движи меѓу 3% и 5%.

Неспорен е и фактот дека наспроти периодот од јануари 2018 до декември 2023 година, кога поранешната влада на СДСМ го зголемила јавниот долг за 3,69 милијарди долари и генерирала номинален раст на БДП од 4,52 милијарди долари, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери за две години ја задолжи земјата за 1,38 милијарди долари и истовремено генерираше номинален раст на БДП од 4,66 милијарди долари. Премиерот Мицкоски неодамна не пропушти да нагласи дека тоа значи суфицит од 140 милиони долари, што е показател, како што нагласи, дека излегува од спиралата на непродуктивни долгови и влегува во фаза на реално економско закрепнување.

Сега автопатските делници ги мериме во километри, порано не можевме ни во метри

Оваа клучна теза на премиерот Мицкоски реално може да се побие само ако темелно и уверливо се оспорат овие и некои други статистички показатели, кои сепак сведочат за успешно менаџирање во економијата.

На пример, треба да се оспорат официјалните податоци, кои велат дека во земјата се реализирани инвестиции во вредност од 1,255 милијарди евра, што претставува најсилен инвестициски циклус во поновата историја на Македонија. Може да се спори со најава на Мицкоски дека во наредната деценија ќе има капитални вложувања од околу 10 милијарди евра во патната и во железничката инфраструктура. Но, може ли да се негира оствареното? Тешко …

Може ли да се оспори она што го гледаме и со сопствените очи, дека во текот на првите две години од мандатот на оваа влада интензивно се работи на шест автопатски делници, додека паралелно продолжуваат инвестициите во железничката инфраструктура? Памети ли некој колку километри автопатишта изгради претходната владата на Зоран Заев? Или можеби е подобро да прашам во метри?

Во цела Европа има помалку „имачка“ и повеќе „немачка“, чудо би било кај нас да е поинаку

Знам дека некој ќе рече – со полно право! – дека бројките за економскиот раст, за БДП, за инвестициите и слично, не се мачкаат на леб и не се јадат. И ќе додаде дека живееме потешко и поскромно од порано. И нема да заборави да дофрли дека платите се мали, дека многу луѓе одвај врзуваат крај со крај, дека младите и понатаму се иселуваат во странство во потрага по подобар живот …

Да, сето тоа е така, но треба да имаме на ум две важни работи:

Од една страна, живееме во време на глобална економска криза, предизвикана од војни што се водат за распределба на глобалната моќ, на највредните ресурси на планетата и на потенцијалите на најголемите светски сили. Во таква ситуација, многу богати, напредни и моќни европски земји се соочуваат со драматични енергетски, економски, развојни, социјални и политички кризи.

Во која земја во Европа денес не се живее полошо одошто пред почетокот на ковид-пандемијата и на војните? Која европска земја денес не се соочува со проблемите на неповолни миграциски движења и на негативни популациони трендови? Дали Германците, на пример, немаат економски проблеми и дали граѓаните на „имачка“ во овие неколку години не научија нешто за „немачка“? Постои ли европска земја во која луѓето се задоволни од платите и од пензиите?

Од друга страна, бројките говорат дека во овие две години владеење, владата на Мицкоски сепак ја зголемила просечната плата за околу 20% (или, прецизно, од 40.496 на 48.433 денари) и на намалила невработеноста од 12,5% на 11,3%. Во истиот период, инфлацијата, која беше еден од најголемите економски проблеми, постепено се стабилизираше, што овозможи дел од растот на платите да се претвори во реално зголемување на куповната моќ.

Колкав е тој дел? Дали на ова прашање можеме да гледаме низ розови очила и да речеме – добро е, сега навистина се живее подобро? Не, сепак не можеме. Ако појдете во Италија, на пример, ќе забележите дека и во туристички најпопуларните региони цените и во рестораните и во кафулињата, но и во маркетите, се пониски од тие во Македонија. Не е така во Хрватска, на пример. Не е така и во Грција, ни во некои други европски земји. Но сепак, споредбите сведочат дека во Македонија не се живее лесно. Нема да речам „а кога било поинаку“, но можеби треба да се додаде дека кај нас се работи помалку, а и продуктивноста на трудот е пониска.

Македонија е зрела за засилена индустријализација

Затоа, важно е што по послабиот период во 2023 и во дел од 2024 година, бројките покажуваат дека индустриското производство постепено закрепнува. Најголем придонес и понатаму имаат компаниите ориентирани кон извоз, особено оној дел што работи за автомобилската индустрија, производството на електрична опрема, металната индустрија и производството на градежни материјали.

Добро би било да се собере малку повеќе храброст, разум и знаење, па посериозно да се размислува за уште позасилена индустријализација на земјата, особено во области во кои Македонија има големи потенцијали. Во рударството, на пример. Инвестициите во енергетиката, кои исто така беа напаѓани од луѓе кои имаа само „мислења“ без факти, веќе даваат солидни резултати, па сега Владата размислува самите да ја градиме и хидроцентралата „Чебрен“. Само да не биде задоцнето кога ќе ни текне и на нашето рудно богатство, веројатно најважниот природен ресурс на оваа земја.

Бланко поддршка никому, но постои ли нешто што се нарекува национален интерес?

Да се разбереме добро: не ми паѓа на ум оваа анализа на јавната полемика за сработеното во овие две години и особено за она што допрва ја очекува Македонија, да ја сведам на попис на статистички бројки коишто сведочат за напредок. Но, сепак не може за економија да се разговара без бројки, како што не може да се зборува за крвен притисок или за зголемена телесна температура без да се измерат. Ја разбирам потребата на нејаката опозиција во секоја јавна дебата да фрла „бензин“ за да ја распламти, но има дебати што не можат да се водат без да се демонстрира знаење, сериозна експертиза во областите и чувство за перспектива.

Настрана што има периоди кога е нужно и опозицијата и сите невладини актери да покажат минимум конструктивност и чувство за национален интерес. Се сеќавам, на пример, на периодот на ковид-пандемијата во Македонија. Под импресија на застрашувачките состојби во болниците и на неизвесната иднина, безмалку сите се согласивме со чудовишните мерки што беа наметнати во тој период, со кризната состојба, со правото на тогашната влада да владее со општа поддршка и да ја менаџира ситуацијата. Мислев тогаш, а не е чудо некаде и да сум го напишал тоа, дека тогашниот министер за здравство Венко Филипче е „командант“ чии наредби мора да се слушаат беспоговорно. И во значајна мерка, реално така и беше. Дури после разбравме дека апсолутната власт апсолутно расипувала некои луѓе дури и во такви трагични околности …

Не би сакал такво нешто да се повтори и секако не мислам дека владата на Мицкоски требаше во овие две тешки години да има одврзани раце и да прави што сака. Но, би рекол дека беше нужно СДСМ да го овери својот глас и својот потпис на собраниската декларација од јули 2021 година, кога сите поважни политички сили, предводени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, се обврзаа во преговорите со Брисел и со Софија да се почитува историскиот континуитет на македонската нација и македонскиот идентитет. А не, како сега, истиот Филипче, како челник на СДСМ, да тврди дека не гледа дека Софија го негира македонскиот идентитет, па тоа слепило да ја зафати целата партиска врхушка, а пропагандата на Бихаќка да се впрегне во поддршка на тезите на бугарската пропаганда против Македонија, пропаганда која дивее деновиве и во нашите медиуми и на социјалните мрежи.

Зошто „чуварот“ на европската агенда не гласа реформски закони какви што бара Брисел?

Не очекувам, ниту мислам дека за демократијата е здраво опозициски партии безусловно да ја поддржуваат власта, било поради кризни околности, било од некои други причини. Но, партија која сака на меѓународната сцена да се промовира како единствен и ексклузивен чувар на европската кауза во Македонија, сепак не смее да си дозволи да ја избегнува обврската за донесување клучни закони од т.н. реформска агенда, важни за напредокот на Македонија кон ЕУ, кои треба да се придодадат кон седумте такви закони изгласани уште во 2024 година.

Одбивањето на СДСМ да поддржи ваква легислатива се совпаѓа со општиот тренд на оваа партија на копирање на белградската матрица, каде што српската опозиција – во сосема други околности, драстично различни од нашите – се обидува да го делегитимира режимот на Вучиќ со протести и без избори, односно со веројатно неучество на парламентарните избори што ќе се случат оваа есен.

Слабости коишто Христијан Мицкоски не можеше да ги премолчи

Настрана од анализата на навистина проблематичниот однос на СДСМ кон владата и кон политичкиот процес во целина, останува прашањето дали има простор за сериозна критика на сработеното од владата на Мицкоски во овие две години.

Да, се разбира дека има. Впрочем, самиот Мицкоски во својот говор на роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, најавувајќи ги реконструкцијата на својот кабинет и некои од причините за кои досега не зборувал јавно, проговори за злоупотреба на привилегии од страна на луѓе во власта, за недоволна посветеност, за кадри што веројатно ќе мора да бидат испратени на незаслужен одмор. Тој дел од говорот на Мицкоски не можеше да се прочита поинаку освен како јавно и одговорно соочување со реалноста, која не е секогаш розова.

Јас гледам и политички и концепциски слабости, кои се поврзани со незадоволителните резултати на оваа влада во некои области. На пример, проблемите во областа на владеење на правото, во ефикасноста на судскиот систем и во реформата на јавната администрација, според моето мислење, нема да се решат само со нужните кадровски освежувања и со новите законски решенија по мерка на ЕУ. Јас мислам дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кај себе треба да побараат потенцијал со овие проблеми да се справат со нови, иновативни идеолошки и политички концепти.

Кога политичката волја и посветеноста не се доволни

Во областа на јавната безбедност и борбата против организираниот криминал, на пример, битно е постоењето политичка волја. Тоа што во текот на две години се разбиени 30 организирани криминални групи, како и уште 11 групи кои организирале меѓународен транспорт на дрога, тоа што се евидентирани повеќе од 1.600 кривични дела со околу 1.900 пријавени сторители и биле запленети 6,2 тони разновидна наркотична дрога, како и тоа што повеќекратно е зголемена заплената на кокаин и за 60% заплената на оружје, сето тоа зборува дека политичка волја и посветеност не недостасува.

Но, истовремено, не може да ги затвораме очите пред фактот дека е создадена перцепција за пораст и на семејното и на малолетничкото насилство. Зошто не се размислува за обнова на концептот на полицајци позорникари, кој некогаш успешно функционираше? Некој ќе рече, дури ни таков систем нема нештата да ги смени преку ноќ. Е па така велевме и за „Сејф сити“, па сепак за кусо време мнозинството возачи ги смирија страстите и „научија“ да возат како што наложуваат прописите.

Имаме неефикасно правосудство, а сакаме да го задржиме овој систем, кој на сите им ги врзува рацете – на извршната власт, на обвинителите и на судиите. Секој обид да се воспостави некаква пракса на меѓусебно влијание за да се подобрат состојбите, се доживува како политички притисок. Македонија е една од ретките држави во која Обвинителството формално е издвоено од извршната власт и е поставено во „систем“ кој како да е создаден за влијание од нелегитимни центри на политичка и економска моќ. И ако некој само помисли тоа да се смени, веднаш ќе му залепат етикета дека сака контрола врз оваа важна институција.

Еве уште еден пример. Сакаме што повеќе луѓе што подолго време да држиме во затвори – целосно погрешно, но такви сме – а не гледаме дека затворите ни се како средновековни зандани. Имаме некаков скромен систем на алтернативни казнени мерки, но не сакаме да ги примениме, за да не се сфати тоа како поддршка на криминалот. А замислете што би било некој да седне и да размисли за идејата да се изградат модерни затворски установи, но со јавно-приватно партнерство, па дури и со странски капитал. Ќе речат ли дека тоа е добра идеја? Не, ќе сакаат тој некој утре да го обесат на плоштад …

Невидлива сила која управува со процесите „од долу“

И оваа власт е под силен притисок на тој индуциран популизам, на таа невидлива сила која со години во значајна мерка ги обликува и политичкиот систем, и институциите, и процесите. Тоа е популизам што се потхранува „од горе“, од врвот, за потоа во обратната насока, „од долу“ кон врвот, да индуцира една силна енергија, којашто ги принудува сите политички елити да стравуваат за поддршката од „народот“, за својот рејтинг, за својот опстанок. И во тој страв исчезнува секаква енергија за вистински, длабоки и нужно болни реформи.

Не тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подлегнала на тој притисок. Но, тврдам дека ние уште долго ќе зборуваме за реформи на јавната администрација, на пример, но нема да се соочиме со фактот дека со нужната и неизбежна дигитализација на јавните услуги, ќе се создадат услови илјадници луѓе од овој сектор да ги напуштат своите безбедни работни места, да се откажат од фетишот „државна работа“ и да побараат ангажман во реалниот сектор на економијата. Дали ова ви звучи будалесто? Да, знам дека така звучи. Затоа и нема политичар што ќе проговори вакво нешто.

Не очекувам, се разбира, од полето на солидно менаџирање на економијата и на другите сектори, владата на Христијан Мицкоски веднаш, непромислено и безглаво да истрча на лизгавиот терен за кој зборувам. Но, убеден сум дека некои проблеми што долго време ги туркаме под тепих, како што се лошите популациони трендови, иселувањето што не запира и драматичниот недостиг на работна сила во сите индустрии и сектори, ќе ја принудат оваа влада многу брзо да се легитимира како доследно десничарска или барем либерална.

Поврзани содржини