ДУИ И ОД КОЧАНСКАТА ТРАГЕДИЈА ПРАВИ ПОДЕЛБИ НА НАШИ И ВАШИ Ова е борба на сите граѓани против корупцијата
Ова е борба на народот против корумпираните кои создадоа чудовиште од системот кој убива поради корупција. Од партијата која стана колевка на криминалот нема осуда и нема оградување. Но, тоа нема да ги спаси од одговорност, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Борбата против криминалот нема боја, раса и припадност, иако, за жал за СДСМ и ДУИ има. Тие и од оваа тема делат на наши и ваши, на Македонци и Албанци, се вели во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во врска со ставовите што ги изнесе Арбер Адеми од опозициската ДУИ за одговорноста за пожарот во Кочани, во кој загинаа 59 лица.
„За разлика од нив, ова за нас, но и за сите граѓани е борба на народот против корумпираните кои создадоа чудовиште од системот кој убива поради корупција. Од партијата која стана колевка на криминалот нема осуда и нема оградување. Но, тоа нема да ги спаси од одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот и портпарол на ДУИ Арбер Адеми ноќеска рече дека целосната морална, материјална и кривична одговорност за трагедија не може да се бара на ниедно друго место освен во самата Влада, МВР и во Општина Кочани. Тој посочи дека ДУИ бара целосна транспарентност и одговорност за вистината да излезе на виделина и апелира, како што рече, институциите и партиите да се откажат од обидите да ја прикажат ДУИ како виновна за сè.
Според Адеми, наместо сплотеност имало политички интриги на ден кога тоа не смееше да се случи.
– Уште од утринските часови кога пристигнуваа првите информации од Кочани медиумските јастреби на владејачките партии почнаа да ги ставаат темелите на големиот спин којшто во текот на денот се разви во официјален наратив на Владата. Наместо министерот за внатрешни работи, кој што е министер во последните 14 месеци, да ја преземе одговорноста што дозволил 12 месеци да работи кабарето без лиценца, секојдневно да се организираат собири спротивно на сите законски прописи и стандарди тој се обидува на бесрамен начин да ја префрли дебата на етничка и партиска димензија – рече Адеми пред полициската станица „Карпош“, додека траеше распитот на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.