ДИЈАСПОРАТА ЌЕ ГЛАСА ЕЛЕКТРОНСКИ, ОСТАНУВААТ 6 ИЗБОРНИ ЕДИНИЦИ Собранието ја изгласа потребата од измени на Изборниот законик
Пратеникот Антонио Милошоски образложувајќи зошто Изборниот законик треба да се донесе по скратена постапка, посочи дека за него се дискутира 4 месеци во рамки на Министерството за правда, каде учествуваа претставници на политичките партии, освен СДСМ, кој на почетокот учествувваше во работната група, а потоа се повлече.
Собранието со 59 гласа „за“, 3 гласа „против“ и без воздражни ја изгласа потребата да се донесат по скратена постапка измените и дополнувањата на Изборниот законик, кој е дел од реформската агенда.
Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски ги задолжи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како матично работно тело и Законодавно правната комисија да заседаваат по предлог измените.
Предлогот до Собранието е доставен од група пратеници, и тоа Антонио Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска. Левица не го потпиша овој предлог со образложение дека не се согласува со предложениот начин на финансирање на партиите, бидејќи тие иако имаат шестмина пратеници, на партијата ќе ѝ бидат исплатени исто како кога беа двајца.
Со измените, меѓу другото, се предвидува електронско гласање на дијаспората, а има промени и во делот на државното финансирање на партиите.
Предлагачот, образложувајќи зошто Изборниот законик треба да се донесе по скратена постапка, посочи дека за него се дискутира 4 месеци во рамки на Министерството за правда, каде учествуваа претставници на политичките партии, освен СДСМ, кој на почетокот учествувваше во работната група, а потоа се повлече.
– Во рамките на овие дискусии се согласивме за околу 28 препораки на ОДИХР, коишто беа консензуално прифатени. Во работната група во Министерството за правда за ниту една тема немаше надгласување и секогаш се одеше со консензус. Ќе имаме можност тие работи да ги дискутираме и за време на собраниската седница и за време на комисиите – рече Милошоски, образложувајќи го предлогот.
Во врска со изборниот модел, Милошоски укажа дека најголем дел од политичките партии се за една изборна единица, но, една партија била за 8, а друга за 3 изборни единици, па, бидејќи не се постигнал консензус, останува сегашното решение со 6 изборни единици.
За гласањето на дијаспората Милошоски појасни дека е постигнат консензус тоа да биде овозможено согласно праксата во Франција и во Естонија и да има електронско, безбедно и заштитено гласање.
– Морам да напоменам дека учестото на претставници од ДИК, Државниот завод за ревизија, АВМУ и од Антикорупциската комисија беше од голема помош. Овие институции излегоа со свои перпоаки кои во најголем дел беа прифатени. Препораките беа за тоа измените во Изборниот законик на овие институции да им го олеснат спроведувањето на изборите, во смисла да бидат демократски, фер, транспарентни и ефикасни – посочи Милошоски.
Во врска со моделот за користење пари од државвниот буџет за изборно рекламирање, Милошоски рече дека е постигнат едногласен консензус.
– Немаше ниту една партија која надгласала друга или некои преставници на политички партии да занемариле предлог на други колеги од политичките партии и ценам дека овој постигнат консензус од најголем број од политичките партии кои учествуваа во работната група во Министерството за правда треба да се цени како солидно постигнување и унапредување на нормите на Изборниот законик – порача Милошоски.
Тој потенцираше дека предлог измените се во согласност со Реформската агенда. Додаде дека усвојувањето на Изборниот законик ќе го направи одржлив и оправдан во следните 5, 10 и 15 години.
– Согласно тоа сметам дека би било добро во скратена постапка истиот да биде усвоен и поддржан консензуално од сите политички партии во Собранието – појасни Милошоски.
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, реагираше на начинот на кој се носи ИЗ, обвинувајќи дека јавноста е доведена во заблуда со тврдењата дека за текстот е постигнат широк политички консензус.
– Не е точно дека сте имале каков било консензус од партијата Левица за овој документ. Сето тоа се лаги. Ние сме доведени да прифатиме којзнае што, само за да фрлите неколку ситни трошки и потоа да тврдите дека има согласност. Исправањето на неуставните решенија не е услуга кон Левица, туку ваша обврска – изјави Крмов.
Пред гласањето на дневниот ред, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, побара точката да биде симната од дневен ред, посочувајќи дека ова законско решение секогаш досега се носело со консензус.
– Точно е дека СДСМ почна да работи во работната група којашто беше за подготовка на Изборниот законик, но мора да потсетиме дека ја напуштивме во моментот кога одлучивте како парламентарно мнозинство да го измените Законот за влада, кој исто така, е донесен со консензус. На почетокот во работната група укажавме дека носењето на Изборниот законик треба исклучиво да биде со консензус помеѓу политичките субјекти – рече Спасовски.
Пратеникот од Левица Сашко Јанчев, исто така, побара симнување на оваа точка од дневен ред, нагласувајќи дека е евидентно дека нема консензус.
И пратеничката Моника Зајкова побара симнување на точка од дневен ред, укажувајќи дека тоа што се прави е класичен заговор против граѓаните, симулирајќи консензус и буткајќи го законот.
Пратениците гласаа по секој од предлозите и во трите гласања не беше усвоено да се симне точката од дневниот ред.