ДЕМОНСТРАНТИТЕ ПРЕДИЗВИКАА ПОЖАР ВО КОМПЛЕКСОТ НА ЕУЛЕКС Жестоки протести на Косово против пресудата за лидерите на ОВК

Демонстрантите го блокирале патот во близина на влезот во комплексот на ЕУЛЕКС и почнале да фрлаат врз него разни предмети и пиротехнички средства.

0

Полицијата соопшти дека доцна во средата избувнал пожар во дел од комплексот на Мисијата на Европската унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) во Приштина, откако демонстранти го нападнале објектот со пиротехнички средства за време на протест против затворските казни изречени за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) од страна на Специјалниот суд во Хаг, ренесе Радио Слободна Европа (РСЕ).

Стотици луѓе се собраа во главниот град претходно тоа утро за да го следат изрекувањето на пресудите за Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими на голем екран.






Судскиот совет ги прогласи за виновни за воени злосторства и ги осуди Тачи и Красниќи на по 25 години затвор, додека Весели доби 18, а Селими 13 години.

Граѓаните незадоволни од пресудата организираа протести во близина на објектот на ЕУЛЕКС во два наврати.

Полицијата извести дека околу 22:30 часот, дел од демонстрантите – кои претходно протестираа во близина на зградата на косовската влада – повторно се упатиле кон базата на ЕУЛЕКС на патот Приштина – Косово Поле.

Тие го блокирале патот во близина на влезот во комплексот на ЕУЛЕКС и почнале да фрлаат разни предмети – „тврди предмети и пиротехнички средства“ – предизвикувајќи помал пожар во дел од објектот, се наведува во полициското соопштение.

Од полицијата изјавија дека пожарот веднаш бил изгаснат и дека немало повредени лица. Полицијата најави дека ќе биде присутна и ќе патролира на терен за да се обезбеди уставниот поредок и јавната безбедност низ целата земја.

Специјалниот суд формално е дел од правосудниот систем на Косово, но е составен од меѓународни судии и обвинители.

Косовскиот премиер Албин Курти ја опиша пресудата како неприфатлива неправда.

– Иако пресудата можеби формално е изречена во името на народот на Косово, оваа празна формула не смее да се поистоветува со волјата на народот – изјави Курти.

Соединетите Држави и други земји повикаа на почитување на одлуката на судот.

Поврзани содржини