Бремена докторка криела дека има свекор со ковид-19, таа заврши на Инфективна, а неколку сестри во изолација
Бремена докторка викендов дошла да се пораѓа на Гинеколошката клиника во Скопје без да каже дека нејзиниот свекор е заболен од коронавирусот, потврди за Плусинфо директорката на Клиниката, Викторија Јовановска.
Трудницата докторка лажела при приемот во болницата и била сместена во соба со две други родилки, кои сега се префрлени на одделот за изолација. По некое време докторката ја препознала колешка, која на вработените на Клиниката им открила дека родилката има позитивен на ковид-19 во семејството.
Родилката одбила од одделението да биде преместена во делот за изолација, каде се хоспитализираат суспектни и позитивни пациентки на ковид-19. Ѝ била направена индикација за царски рез, но таа потпишала изјава дека своеволно заминува да се породи во приватна болница.
Докторката се породила во „Ре-медика“, каде развила симптоми по што била однесена на Инфективната клиника во Скопје.
Поради неа, три медицински сестри од Гинекологија се отидени во изолација.
– Пациентката била примена без симптоми и не кажала дека има заразен во нејзиното семејство. Кога некој од колегите дознал дека таа во семејството има позитивен на ковид-19, веднаш ја симнале во одделот за изолација. Таа не сакала да биде во изолација и си заминала со изјава – вели директорката Јовановска.
Петнаесет медицински лица од ГАК досега се во изолација. Директорката е разочарана што се ситни персоналот на Клиниката и поради вакви несовесни пациентки.
– Не знам зошто е толку страшно да се каже вистината при прием – додава Јовановска.
Во врска со овој случај се очекува да се изјасни и Лекарската комора.