БОРДО ПРЕД ЕВАКУАЦИЈА, ПЕКОЛНИОТ ПОЖАР КАЈ МАДРИД ДЕЛУМНО ПОД КОНТРОЛА Франција и Шпанија со сите сили се борат против огромните пожари

Во двете земји досега се евакуирани повеќе од 320.000 луѓе.

0

Катастрофалните пожари продолжуваат да се шират во Франција и во Шпанија, а властите предупредуваат дека ситуацијата останува многу сериозна.

Едно лице загина во пожарот во близина на Валенсија во источна Шпанија.






Во Шпанија, најкритичните области се Мадрид, Авила и Толедо, каде што пожарите сè уште не се под контрола и зависат од временските услови. Пожарот продолжува да се шири кон Мадрид.

Шпанската воена единица за итни случаи, објави дека некои делови од пожарот во близина на Мадрид се ставен под контрола и дека повеќе нема отворен пламен.

Потполковникот Алфонсо Арибас изјави дека имало „добар напредок“ во последните часови по нестабилното попладне.

– Целиот фронт е под контрола, само неколку жаришта се уште активни и работиме на нив. Се надеваме дека денешните услови ќе ни дозволат да работиме – рече тој.

Арибас додаде дека пожарот е голем и дека состојбата варира од област до област.

– Постојат делови кои се ставени под контрола и каде што повеќе нема отворен пламен, други кои се активни и трети, кои се некаде помеѓу. Ги пренасочуваме нашите напори во зависност од ситуацијата во одредена област – ​​објасни тој.

Според Арибас, пожарот во близина на Алморокс е значително локализиран и не ја преминал границата помеѓу Мадрид и Кастиља-Ла Манча.

– Стабилно е, но мора да продолжиме со нашите напори – рече тој.

Додаде дека, барем до пладне, не се очекуваат нови евакуации.

Големиот пожар кој брзо се шири во шпанскиот регион Валенсија принуди евакуација на околу 16.000 жители на градот Ла Вал д’Уихо во покраината Кастељон. Овој пожар сè уште не е под контрола, а зафаќа подрачје на 15 општини.

Во Франција, пожарот во Жиронда се приближува кон областа Бордо, а досега опустоши околу 42.000 хектари.

Земјоделците од покраината Жиронда се приклучија во борбата против големиот пожар што ја пустоши југозападна Франција.

Додека пожарникарите се борат со пожарот на неколку фронтови, локалните земјоделци им помагаат со својата механизација, цистерни и трактори. Тие учествуваат во испораката на вода, ги чистат пристапните патишта и создаваат противпожарни појаси, со цел да се забави ширењето на пожарот.

Нивната помош е особено важна во руралните средини, каде што пожарите им се закануваат на куќите, фармите и земјоделското земјиште. Властите нагласуваат дека соработката на пожарникарите, армијата, безбедносните служби и локалното население е клучна во обидот за локализирање на пожарот.

Портпаролот на Бордо изјави дека градот моментално разгледува сценарија за сите можни насоки на развој на пожарот.

Ова вклучува и можност за целосна евакуација на Бордо доколку е потребно.

Чадот од пожарот силно се чувствува во градот, а квалитетот на воздухот е сериозно влошен.

Досега повеќе од 320.000 луѓе се евакуирани во Франција и во Шпанија.

Поврзани содржини