БИ СЕ ВРАТИЛЕ 45% ОД АНКЕТИРАНИТЕ ИСЛЕНИЦИ, 16% БИ ИНВЕСТИРАЛЕ ВО МАКЕДОНИЈА Недостасува предвидливост и посилни институции

Во однос на тоа како средствата од дијаспората да се употребат за инвестиции, Никица Мојсоска-Блажевски посочи дека направиле анкета за дијаспора со над 1.500 одговори, во кои испитаниците велат дека им недостасуваат информации.

3

За Македонија е важно внимателно да ги следиме очекувањата и движењата и да не преземаме брзи мерки. Инфраструктурни проекти и економски реформи се она што треба да го направи Владата за заштита на стандардот на македонските граѓани, смета извршната директорка на „Македонија 2025“ Никица Мојсоска-Блажевски.

По отварањето на Самитот 2026 во организација на „Македонија 2025“ одговарајќи на новинарски прашања таа посочи дека на економски план добро е што инвестициите, особено инфраструктурните, се одвиваат добро и тоа доведува до економски раст.

– Треба да размислиме повеќе за пообемни би рекла структурни реформи коишто е тешко да се спроведат во услови кога имате неизвесност и ограничен фискален простор. Меѓутоа би рекла инфраструктурни проекти и економски реформи. Секако дека обврска имаат и компаниите и тие да се унапредат, да бидат поконкурентни, да се дигитализираат, сè она што спомнавме или програми преку коишто им помагаме на компаниите – рече Мојсоска-Блажевски.

Глобалната неизвесност, случувањата на Блискиот Исток и растот или, како што оцени, недоволниот раст во Европската Унија влијаат врз македонската економија.

– Очигледно има одредено забрзување на стапката на инфлација, меѓутоа главно тоа се трошоците поврзани со транспорт. Сè уште Народната банка смета дека монетарната политика е добро поставена и дека во моментот нема простор за загриженост или за промена на монетарната поставеност. Во однос на бруто домашниот производ проекциите на Народна банка се одредено намалување на првичната проекција, односно раст оваа година од околу 3,5 проценти, секако имајќи ги предвид глобалните економски геополитички случувања – истакна Мојсоска-Блажевски.

За Македонија смета дека е важно најпрво, внимателно да ги следи очекувањата и движењата и да не презема брзи мерки.

– Во случај на преземање мерки, тие би требале да бидат таргетирани, секогаш се залагаме за таргетирани мерки наместо универзална поддршка – таргетирани зборувам за заштита на животниот стандард на посиромашните граѓани – додаде извршната директорка на „Македонија 2025“.

Во однос на тоа како средствата од дијаспората да се употребат за инвестиции, посочи дека направиле анкета за дијаспора со над 1.500 одговори, во кои испитаниците велат дека им недостасуваат информации.

– Значи информации како да се инвестира, како да се отвори компанија, сметка во банка и така натаму и заради тоа спомнав, не сакам воопшто да ја гледаме, како мал придонес на Македонија 2025, меѓутоа веб-страницата за дијаспора навистина мислам дека има огромен потенцијал и за индивидуалци коишто сакаат да се вратат во Македонија – како да се вратам, како да пријавам место на живеење, децата да ги запишам во градинка и така натаму, меѓутоа и за компании. Или оние коишто сакаат да отворат бизнис и оние коишто сакаат да инвестираат во наши бизниси – истакна Мојсоска-Блажевски.

​Во Македонија има посебни поволности за инвестиции од дијаспората, како субвенции од страна на Владата за коишто многу малку се знае.

– Сакам и тоа како прашање, односно како можност да го промовираме, меѓутоа и многу поголема поддршка на нашата дијаспора. Четириесет и пет отсто од испитаниците велат дека би сакале да се вратат, 16 проценти дека сакаат да инвестираат. Што им недостасува? Информации, предвидливост, она што нели сите сакаме да постои, и посилни институции. Мислам дека сега е моментумот глобално заради целата геополитичка ситуација и да се вратат повеќе од дијаспората и да инвестираат повеќе од дијаспората – нагласи Мојсоска-Блажевски.

Според неа, емоцијата преовладува кога има еднакви услови за инвестирање некаде.

– Но, не можеме да бидеме многу полоши од било кое друго место за инвестиции за да донесат одлука да инвестираат. И ние треба да си ја завршиме нашата домашна задача – подвлече Мојсоска-Блажевски.

 

Поврзани содржини