БЕЗ РАЗЛИКА НА МОТИВОТ, ОВА Е НАПАД ВРЗ САМАТА БУГАРСКА ДРЖАВА! Софија бара строги казни за провалниците во нејзиниот културен центар во Скопје
Ова кривично дело се случува во контекстот на тековната антибугарска кампања во Република Северна Македонија, вклучително и серија напади врз организации на локални Бугари, за кои сè уште нема ефективна правда и казна – рекла претставничка на бугарското МНР на средба со македонската амбасадорка во Софија.
Без разлика на мотивацијата на сторителите, делото е напад врз самата бугарска држава, во лицето на една држава институција – реагираше со соопштение Министерството за надворешни работи на Бугарија на последниот инцидент во кој непознати лица влегле во Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје и украле монитор.
Притоа е причинета материјална штета на задниот ѕид на просторијата на Центарот, кој беше отворен на 25 ноември 2022 година. Македонското јавно обвинителство соопшти дека, според првичната истрага, мотив за провалата е исклучително кражба, без политички конотации, и дека истата вечер крадците влегле уште во два соседни угостителски објекти.
„Потсетуваме дека со билатералниот договор за отворање на Културно-информативните центри од 2003 година, двете земји се обврзаа да гарантираат нормално функционирање на културно-информативните центри во двата главни града“ – се вели во соопштението на бугарското МНР.
Во соопштението се наведува и дека директорката на Директоратот за Југоисточна Европа Цна денешната средба во Министерството за надворешни работи со амбасадорката на Република Северна Македонија Агнеза Руси-Поповска ѝ изразила сериозна загриженост поради тоа што, како што рекла, ова кривично дело се случува во контекстот на тековната антибугарска кампања во Република Северна Македонија, вклучително и серија напади врз организации на локални Бугари, за кои сè уште нема ефективна правда и казна.
Андреева изразила очекување од институциите на Република Северна Македонија, не само да ги идентификуваат сторителите на ова злосторство, туку и јасно да покажат дека ваквите напади врз претставништвата на Бугарија се апсолутно неприфатливи и ќе бидат кривично гонети со сета строгост на законот.
„Од особена важност е да не се дозволи сторителите на ваквите дела да одржуваат чувство на неказнивост, за што се важни и ефективното спроведување на правдата и јавниот наратив создаден од политичарите“, се наведува и во соопштението.