Барем некој пациент од Европа да се израдуваше со срцето за пресадување што ни пропадна – пропуштена шанса еден на милион
По веста дека пропаднала можноста да се пресади и срцето од 46-годишниот донор и дека тројца пациенти кои се на листата за пресадување органи и и писмено го одбиле предлогот, се огласија со демант од Здружението „Храбро срце“ .
Тие тврдат дека срцето не одговарало за трансплантација за ниту еден пациент. Лекарите велат дека шансата некој да добие срце од донор е еден спрема милион. Бидејќи не сме членка на Еуро-трансплант, освен срцето, коешто треба да се пресади за најмногу 4 часа, за жал, пропаднал и црниот дроб на донорот.
Како што тврдат од „Храбро срце“, се чини дека не недостигала храброст кај еден од пацинетите, кој е со вештачко срце, да го прими органот и дека причината не е ниту фактот што интервенцијата требало да се случи на државната Клиника за кардиохирургија. Оттаму неодамна си замина Иван, првиот пациент со пресадено срце.
– На официјалната страница на Министерството за здравство јасно стои: „Овојпат , за жал, срцето не одговараше за ни еден пациент кој е на листата за трансплантација“. Здружението ги отфрла сите шпекулации кои беа објавени од страна на некои новинари дека некој пациент ја отфрлил понудата за донирано срце. Тоа се невистини и такво нешто е неприфатливо и нелогично. Затоа што „Храбро срце“ се бори за таа кампања за подигнување на јавната свест за потребата од донирање органи и нема да дозволиме некој свесно да ја загрози нашата цел и мисија – вели Даниел Тодоровски, претседател на Здружението.
Оттаму изразуваат голема благодарност на семејството на донаторот што ја донеле оваа особено важна и храбра одлука за донирање на срцето на нивниот најблизок.
– Да бидеме храбри, да се бориме заедно – порачаа од Здружението „Храбро срце“.
Нацоналната координаторка за трансплантација на органи, д-р Маја Мојсова, за Плусинфо изјави:
– Ние направивме голем исчекор со првата трансплантација на срце пред неколку месеци, а можевме чуда повторно да направиме. Пак ќе се обединевме со лекарите од приватното здравство, како првиот пат, а овојпат не знам од кои причини не дојде до трансплантација на срцето од донорот. Овој орган, како и црниот дроб, можат да се чуваат најмногу до 4 часа. За жал, пропадна шансата за срцето, а и овој орган и црниот дроб можеа да бидат употребени од Еуротрансплант. Но, бидејќи немаме ниту базичен договор со оваа институција, не можеа, за жал, ниту за пациентите во некоја европска земја да ги земат органите – вели д-р Мојсова.
Таа вели дека шанса за некој да добие можност да му биде пресадено срце изнесува еден на милион, а дека критериумите за трансплантација и кој да се најде на листа, ги одредуваат од Тимот за пресадување на срце, каде членуваат експерти од различни болници. Правилата секако се и според критерумите на Еуротрансплант.
– Ние работиме за доброто за пациентите и радува што свесносте кај населението е зголемена по првата трансплантација на срце. И кај семејствата на лица со мозочна смрт наидовме на многу добар одговор за согласност за донирање на органи. Се надеваме дека така и ќе продолжи и дека ќе се зголемува уште повеќе свесноста за донирање органи од лиа во мозочна смрт – додава д-р Мојсова.
И од Универзитетската Клиника за кардиохирургија порачуваат дека по првата трансплантација на срце, којашто беше изршена заедно со лекарите од двете приватни болници, Клиниката „Жан Митрев“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“, се комплето подготвени за пресадување на срце.
Вештачкото срце, кое го имаат неколку пациенти во земјата, е само мост до трансплантирано срце.