🎥 АКТЕРОТ ОД „ПАРКОТ ЈУРА“ ГО ПОБЕДИЛ РАКОТ СО РЕВОЛУЦИОНЕРЕН ТРЕТМАН Сем Нил објави дека е во ремисија после речиси пет години борба со рак на крвта
Холивудскиот актер Сем Нил неодамна објави дека го победил ракот благодарение на револуционерен нов третман за рак кој сè уште е во фаза на тестирање.
Познатиот актер Сем Нил (78) објави дека е излекуван, по речиси петгодишна борба со рак на крвта во трет стадиум благодарение на револуционерен нов третман за рак кој сè уште е во фаза на тестирање.
Нил вели дека закрепнувањето го должи на имунотерапијата со која го продолжил своето лекување откако хемотерапијата престанала да дава резултати.
Во интервјуто за Севен њуз Австралија (7News Australia), објавено на 26 април, Нил детално ја опиша својата борба со болеста. Тој нагласи дека боледувал од еден вид на лимфом (ангиоимунобластен Т-клеточен лимфом) и дека почетниот третман со хемотерапија бил исклучително тежок, но неопходен за негово одржување во живот.
Актерот првпат објави дека се бори со лимфом во 2023-та година. Оваа недела, во емотивно интервју за австралискиот канал 7News, откри дека неговиот рак е во ремисија и ја искористи можноста да се заложи за универзален пристап кон терапијата за која верува дека му го спасила животот.
Неговата приказна започна во 2022 година, додека го промовираше филмот „Светот Јура: Доминион“, третиот дел од франшизата што го обедини со колегите Лора Дерн и Џеф Голдблум. Среде бројни интервјуа и настани, тој забележал загрижувачки симптоми – грутки на вратот кои не исчезнуваа. По тестови на крвта ја добил дијагноза што му го промени животот.
– За неколку дена се најдов во болнички кревет, со разни хемикалии кои влегуваа во моето тело, уништувајќи сè пред мене – за терапевтски цели – напиша Нил во своите мемоари „Дали некогаш ти го кажав тоа?“, објавени во 2023 година.
– Се обидуваа да ме излечат од нешто за кое не знаев ни дека го имам само неколку дена претходно.
Неговата дијагноза е ретка форма на не-Хочкинов лимфом, и кога му ја откриле таа била во трета фаза. Болеста, чии симптоми вклучуваат висока температура, ноќно потење, осип и автоимуни реакции, барала итен почеток на хемотерапија. Иако терапијата делувала некое време, таа била придружена со тешки несакани ефекти.
На крајот, престанала да делува.
– Бев изгубен и се чинеше дека крајот е близу, што, се разбира, не беше идеално – призна Нил. Соочен со најтешките моменти, тој почнал да ги пишува своите мемоари, свесен дека можеби нема многу време.
– Пишував затоа што не знаев колку време ми останува. Бев во трка со времето – изјави тој за списанието People.
Подоцна за „Гардијан“ изјави:
– Не се плашам да умрам, но тоа би ме нервирало. Навистина би сакал уште една или две децении, знаете? Ги изградивме сите овие прекрасни тераси, ги имаме овие маслинови дрвја и чемпреси. Сакам да бидам тука за да го видам сето тоа како созрева. И ги имам моите прекрасни мали внуци. Сакам да ги видам како растат. Но, што се однесува до умирањето? Не ми е гајле.
Работите се подобриле откако Нил бил подложен на нов експериментален третман за рак познат како CAR-T клеточна терапија, која го користи имунолошкиот систем за да создаде „живи лекови“ кои ги бараат и уништуваат клетките на ракот. Лекарите го изведуваат третманот со собирање Т-клетки од крвта на пациентот и нивно зајакнување во лабораторија. Т-клетките потоа се враќаат кај пациентот преку интравенска инфузија и продолжуваат да се размножуваат.
– Само што направив скенирање и нема рак во моето тело. Ова е извонредно – вели актерот.
И покрај импресивните резултати, терапијата со CAR Т-клетки останува тешко достапна поради нејзината екстремно висока цена. Во Австралија, приватниот третман може да чини повеќе од 600.000 австралиски долари по пациент, додека јавниот здравствен систем ја покрива терапијата само за ограничен број случаи и во одредени болници.
Затоа Нил одлучи да ја искористи својата платформа за да ја подигне свеста за важноста на пристапот до оваа терапија. Во соработка со непрофитната фондација Сноудом, тој се залага за проширување на пристапот до третман со CAR Т-клетки за пациенти со рак на крвта.
View this post on Instagram
– Се надевам дека ваквите третмани наскоро ќе бидат достапни за сите на кои им се потребни – во Австралија, Нов Зеланд и низ целиот свет – рече тој.
За 7News дека сега се подготвува за враќање на големото платно, велејќи: „Време е да снимам уште еден филм.“
Неговата најнова работа, според неговата страница на IMDb, вклучува улоги во ТВ сериите „The Twelve“, „Untamed“ и „Apples Never Fall“. Нил е исто така дел од екипата на „ “Godzilla x Kong: Supernova“, кој треба да излезе следната година.