НАУЧНИЦИТЕ ОТКРИЈА НЕОЧЕКУВАНА ПОВРЗАНОСТ Антидепресивите можеби ја зголемуваат успешноста на имунотерапијата против рак
Пациентите со рак кои земале одредени антидепресиви за време на имунотерапијата имале пониска стапка на смртност. Научниците истражуваат можна врска, но предупредуваат дека резултатите не докажуваат дека лековите сè уште не докажуваат причинско-последична врска.
Лековите што вообичаено се користат за лекување на депресија и анксиозност би можеле да имаат неочекувана улога во лекувањето на ракот. Нова студија објавена во научното списание „PLOS Medicine“ открила поврзаност меѓу употребата на одредена група антидепресиви и пониската смртност кај пациенти кои примале имунотерапија против рак.
Станува збор за селективните инхибитори на повторното преземање на серотонинот, познати како ССРИ. Во оваа група спаѓаат лекови како флуоксетин, сертралин и есциталопрам, кои често се препишуваат за депресија и анксиозни нарушувања.
Истражувачкиот тим, предводен од По-Хуанг Чен, ги анализирал медицинските податоци на возрасни пациенти со солидни тумори кои започнале имунотерапија во периодот од 2015 до 2025 година. Во анализата биле вклучени 1.567 пациенти кои земале ССРИ-антидепресиви и исто толкав број пациенти кои користеле бензодијазепини, лекови што се препишуваат за анксиозност и несоница.
Во текот на двегодишното следење, починале 368 пациенти од групата што земала ССРИ, односно 23,5 проценти. Во групата што земала бензодијазепини починале 539 пациенти, или 34,4 проценти.
По дополнителната статистичка анализа, употребата на ССРИ била поврзана со приближно 37 проценти помал релативен ризик од смрт во споредба со групата што земала бензодијазепини. Во друга споредба, пациентите што користеле ССРИ имале околу 25 проценти помал релативен ризик од смрт во однос на пациентите кои не земале ниту една од овие две групи лекови.
Овие бројки не значат дека антидепресивите докажано го продолжуваат животот или дека пациентите живеат 37 проценти подолго. Станува збор за поврзаност забележана во анализата на медицинските податоци, а не за резултат од клиничко испитување во кое пациентите биле случајно распоредени да земаат одреден лек.
Како би можеле антидепресивите да влијаат врз имунитетот?
Имунотерапијата против рак делува така што ги отстранува механизмите со кои туморите го попречуваат имунолошкиот систем да ги препознае и нападне клетките на ракот. Во овој процес важна улога имаат Т-клетките, кои учествуваат во имунолошката одбрана од туморите.
Научниците претпоставуваат дека антидепресивите од групата ССРИ би можеле да влијаат врз активноста на овие клетки преку блокирање на протеин што го пренесува серотонинот. Серотонинот е познат пред сè како хемиски гласник во мозокот, но има улога и во други делови од телото, вклучително и во имунолошките процеси.
Истражување објавено во списанието „Cell“ во 2025 година покажало дека блокирањето на транспортерот на серотонин ја засилило антитуморската имунолошка реакција кај глувци. Комбинацијата со имунотерапија помогнала во подобрата контрола на туморите во лабораториските услови.
За да ја проверат можната поврзаност и кај луѓето, научниците анализирале и 8.272 примероци од тумори од базата „Атлас на геномот на ракот“. Кај 13 од 20 испитувани видови рак, поголемата активност на генот што го кодира транспортерот на серотонин била поврзана со пониски нивоа на Т-клеточна инфилтрација, односно со помало присуство на овие имунолошки клетки во туморското ткиво.
Научниците предупредуваат: потребни се клинички испитувања
Истражувачите наведуваат неколку ограничувања на студијата. Меѓу нив е недостигот од информации за физичката функционалност на пациентите, која може значително да влијае врз прогнозата на болеста. Исто така, бензодијазепините понекогаш се препишуваат за акутна анксиозност или несоница кога состојбата на пациентот со рак веќе се влошува. Тоа значи дека разликите во смртноста можеби делумно се должат на разликите во здравствената состојба, а не само на лековите.
Онкологот Чо-Хао Ли од Медицинскиот факултет на Националниот универзитет за одбрана во Тајван, кој ги коментирал резултатите за „ScienceAlert“, нагласил дека само рандомизирано контролирано клиничко испитување може да утврди дали навистина станува збор за причинска врска.
Научниците сметаат дека следните истражувања треба да испитаат дали антидепресивите влијаат врз преживувањето, напредувањето на ракот и несаканите ефекти од терапијата, како и кои лекови, дози и времетраење би можеле да бидат релевантни.
Во меѓувреме, пациентите не треба самостојно да почнуваат да земаат антидепресиви за да ја подобрат имунотерапијата, ниту да прекинуваат постојна терапија без совет од лекар. Студијата отвора интересна можност за идни истражувања, но не претставува доказ дека антидепресивите се лек против ракот.