АКЦИЈА ПРОТИВ ГРУПАТА НА ШТУКА, СЕ СОМНИЧАТ ИЗНУДИ И ЛИХВАРСТВО ВО КУМАНОВО Пронајдени пари, возила и документација при претресите
Според неофицијалните информации до кои дојде Плусинфо, за организатор на групата се сомничи лице со прекар Штука. Истражителите проверуваат сомневања за изнуда, лихварство, перење пари и други криминални активности.
Голема полициска акција против организирана криминална група утрово се спроведува во Куманово, дознава Плусинфо. Засиленото присуство на полициски специјалци на улиците во градот е дел од операцијата на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, насочена кон разоткривање група составена од лица добро познати на кумановската криминална сцена.
Според информациите до кои дојде Плусинфо, за организатор на групата се сомничи лице со прекар Штука, а во неа, наводно, членуваат и други лица од Куманово.
Сомневањата на истражните органи се дека групата подолг период дејствувала на подрачјето на Куманово и пошироко, користејќи насилство, закани и уцени. Нејзините активности, според сознанијата на истрагата, опфаќале изнуда, лихварство, перење пари, како и перење други приноси од казниви дела.
Во рамките на акцијата се вршат проверки на повеќе локации поврзани со осомничените. Под лупа на истражните органи се и нотарска канцеларија и менувачница, каде што се проверуваат можни поврзаности со криминалните активности што се предмет на истрагата.
Неофицијално, при досегашните претреси биле пронајдени парични средства, возила и документација.
Акцијата е резултат на подолготрајна оперативно-истражна работа на полициските истражители, спроведена во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Нејзината цел е разоткривање и сузбивање криминални структури за кои постојат сомневања дека подолг период ја загрозувале безбедноста и преку насилство и други криминални активности остварувале противправна материјална корист.
Во пораката што ја испраќаат институциите се нагласува дека нема недопирливи и заштитени поединци или групи.
– Нема простор за создавање митови за недопирливост, ниту за криминални структури кои веруваат дека преку влијание, закани и насилство можат да бидат над законот – велат изворите на Плусинфо.
Полицијата и обвинителството ја потврдуваат определбата законот да важи за сите и да се спроведува без селективност и отстапки.
– Законот важи за сите. А институциите се тука да го спроведуваат, без селективност и без отстапки – порачуваат надлежните.