АДВОКАТОТ НА ОБВИНЕТИОТ БОРЧЕ МАРКОВСКИ ТВРДИ ДЕКА БИЗНИСМЕНОТ НЕ Е ИЗБЕГАН, ТУКУ Е НА РАБОТЕН СОСТАНОК ВО СРБИЈА Обвинителството смета дека тој не е во бегство

Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Денеска и утре е на состаноци во Србија каде што има сериозна фирма, која без него не може да функционира. И затоа беше побаро да му се врати пасошот, вели адвокатот на обвинетиот бизнисмен, Марјан Николоски.

0

Обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, не е избеган од Македонија, туку е на работни состаноци во Србија, тврди неговиот адвокат.

Сопственикот на „Марковски компани“, обвинет за злоупотреби при јавна набавка за РЕК Битола вчера ја напушти Македонија на граничниот премин Табановце, откако завчера Основниот суд Струга му го врати одземениот пасош.






– Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Денеска и утре е на состаноци во Србија каде што има сериозна фирма, која без него не може да функционира. И затоа беше побаран пасошот. Има оставена сериозна гаранција во судот. Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Не станува збор за бегање, тоа нема апсолутна врска со вистината. Легално ја помина границата, оти бизнисот во Србија му е сериозен и мора да функционира. Ако е осомничен, не значи дека треба да ги затвори сите фирми – вели адвокатот Марјан Николоски во изјава за СДК.

Претседателот на Основниот суд Струга Вулнет Винца потврди дека тричлен кривичен совет одлучил да му го врати пасошот на  Марковски. Тој вели дека не чувствува одговорност, оти пред да одлучат добиле позитивно мислење од Јавното обвинителство.

– Ние ценевме, ама добивме мислење од овластениот тужител, ОЈО Струга. Не чувствувам одговорност. Имаме закажано рочиште на 2 септември. Ако не се врати, ќе му се суди во отсуство и ќе се одземе имотот – вели Винца.

Обвинетиот Марковски излезе од притвор во јануари годинава, откако даде гаранција дека нема да бега во вредност од речиси 5 милиони евра во недвижен имот и движен имот, односно куќа и три стана, како и 25 булдожери и камиони. Битолскиот суд, и покрај противењето на битолското обвинителство, тогаш му одреди мерки на претпазливост, односно еднаш неделно да се јавува во судот, а пасошот привремено му беше одземен.

Од Обвинителството посочија дека барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост изречени при определувањето на гаранцијата е поднесено од одбраната на обвинетиот.

„Надлежниот јавен обвинител од ОЈО Струга првично на 15.6.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа“, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот, додаде ЈО.

„Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму, за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, соопшти Обвинителството.

Марковски и седум други лица беа осомничени за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Иако опремата воопшто не се планирала за во Битола, бил спроведен тендер и потпишан договор во висина од околу 1,7 милион евра, а неговата компанија „Марковски компани“ како добитник ги демонтирала машините од Кичево, ги донела во Битола и ги оставила немонтирани во кругот на РЕК „Битола”.

Судењето, кое првично започна во Основниот суд во Битола, во меѓувреме беше префрлено во Основниот суд во Струга, по одлука на Апелацискиот суд во Битола.

Првото рочиште во Струга, закажано за 24 јуни, беше одложено бидејќи еден од обвинетите го сменил адвокатот, кој побарал дополнително време за увид во обвинителниот акт.

Новиот обид за почеток на судењето е закажан за 2 септември.

 

ОБВИНЕТИОТ ГАЗДА НА „МАРКОВСКИ КОМПАНИ“ ЈА НАПУШТИЛ МАКЕДОНИЈА Судот во Струга вчера му го врати пасошот, денеска излегол на Табановце

Поврзани содржини