ОТКРИЕН Е ИДЕНТИТЕТОТ НА МИСТЕРИОЗНИОТ МАЖ КОЈ БАРАШЕ ДА МУ СЕ ЗАШТИТИ ИДЕНТИТЕТОТ Славниот актер и автор на детски книги е обвинет за сексуално напаѓање на малолетнички

Британскиот комичар и автор на детски книги, Дејвид Валијамс е мистериозниот маж кој со судска забрана се обиде да ги замолчи медиумите да не го откриваат неговиот идентитет откако беше соочен со сериозни објавувања за несоодветно сексуално однесување кон млади обожавателки и жени

0

Британскиот комичар и автор на детски книги Дејвид Валијамс е човекот чиј идентитет со недели беше криен по судската постапка во Лондон. Тој се обиде да спречи објавување на сериозни обвинувања за несоодветно сексуално однесување кон млади обожавателки и жени, но судот не му ја одобри забраната, а по истекот на рокот за жалба неговото име беше објавено.

Валијамс (55) е познат по комичната серија „Little Britain“ и како поранешен член на жирито на шоуто „Britain’s Got Talent“.






Според заедничката истрага на „Гардијан“ и ITV News, неколку жени тврдат дека славниот комичар ја користел својата популарност и влијание во забавната индустрија за да им се приближи и да се обиде да ги наведе на сексуални односи.

Особено загрижуваат наводите на две жени кои тврдат дека го запознале Валијамс кога имале само 15 години. Според нивните сведоштва, по запознавањето следувала комуникација која, како што тврдат, прераснала во несоодветно сексуално однесување.

Едната од нив раскажала дека се запознале на настан за обожаватели на серијата „Little Britain“, по што тој продолжил да ја контактира, а кога имала 17 години започнала сексуална врска со него. Друга жена тврди дека ѝ пишувал на социјалната мрежа Мајспејс кога имала 15 години, а подоцна сексуално ја нападнал.

Истрагата опфаќа и наводи за однесувањето на Валијамс кон млади жени кои работеле во продукцијата на „Britain’s Got Talent“, како и во издавачката куќа „ХарперКолинс“. Некои од жените тврдат дека им испраќал пораки без претходно да се познаваат, ги канел во својата соблекувална или во својот дом и вршел притисок врз нив за сексуални односи. Новинарите наведуваат дека ги проверувале сведоштвата преку електронска пошта, пораки на социјалните мрежи и други документи.

Зад судската битка за зачувување на неговиот идентитет стои необичен правен случај. Валијамс, во судските документи означен како „PPT“, побарал трајна забрана за објавување на информациите, тврдејќи дека нивното објавување би можело да го доведе во животна опасност. Неговите адвокати пред судот посочиле дека двапати се обидел да си го одземе животот по контактот со новинарите во мај годинава. Судијата Никлин на 3 ноември ја одбил неговата жалба за забрана, но му оставил можност да се жали на одлуката. Бидејќи не поднел жалба до истекот на рокот на 9 ноември, медиумите веќе следниот ден можеа да го објават неговото име.

Ова не е првпат името на Валијамс да се поврзува со контроверзи. Во декември 2025 година, издавачката куќа „ХарперКолинс“ објави дека повеќе нема да издава негови нови книги, по наводите за несоодветно однесување кон жени вработени во оваа издавачка куќа. Неговиот портпарол тогаш изјави дека комичарот не бил известен за никаква истрага и категорично ги отфрла обвинувањата.

Валијамс се прослави заедно со Мет Лукас во серијата „Little Britain“, а подоцна стана едно од најпрепознатливите телевизиски лица во Британија како член на жирито на „Britain’s Got Talent“. Во 2022 година го напушти шоуто, откако протекоа снимки од негови навредливи и сексуално експлицитни коментари за натпреварувачите, за кои подоцна јавно се извини. Истовремено изгради исклучително успешна кариера како писател за деца: има објавено повеќе од 40 книги, продадени во над 60 милиони примероци низ светот и преведени на 55 јазици. Во 2017 година ја доби титулата Офицер на Редот на Британската Империја (ОБЕ) за придонесот во уметноста и хуманитарната работа.

По објавувањето на истрагата, Валијамс ги отфрли сите обвинувања. Во писмо до „Гардијан“ и ИТВ призна дека во минатото понекогаш се однесувал непромислено кон жени со кои имал неформални сексуални врски и дека не водел секогаш доволно сметка за нивните чувства. Сепак, категорично негира дека ја злоупотребил својата слава и влијание, како и дека е сексуален предатор или дека прекршил закон. Неговата агенција „Индипендент Талент Груп“ во меѓувреме објави дека повеќе нема да го застапува. Би-Би-Си најави преглед на содржините поврзани со него на своите платформи.

Поврзани содржини