ЗНАМ НЕ ГИ МЕНУВА СТАВОВИТЕ СПОРЕД ДНЕВНО-ПОЛИТИЧКИ ИНТЕРЕСИ Реакции од Движењето за алузиите за Врање и за навредите кон Максим Димитриевски

0

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија порачува дека Македонија мора да функционира како правна држава, во која Уставот и законите важат подеднакво за сите.

„ЗНАМ ја разбира нервозата и хистеријата кај одредени претставници на моноетнички политички партии предизвикани од јасниот и принципиелен став на ЗНАМ дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, во согласност со Уставот и законите на државата. Очигледно, некои политички структури сè уште не можат да се помират со фактот дека времето на институционалното самоволие, селективното толкување на законите и политичкото надмудрување со државните институции е завршено. Времето кога ДУИ и СДСМ ги толерираа и практикуваа таквите политики е минато. ЗНАМ е државотворна политичка партија. Ние не ги менуваме ставовите од денес за утре, ниту ги приспособуваме според дневнополитичките калкулации и притисоци“, се наведува во реакцијата на ЗНАМ.






Оттаму потенцираат дека во моментов не постои уставна и законска основа правосудниот испит да се полага на албански јазик, како и дека ова не е прашање на нечии етнички чувства или политички амбиции, туку прашање на доследна примена на правниот поредок.

„Особено е недозволиво преку таканаречени хибридни решенија да се создаваат преседани со потенцијално далекусежни последици за правосудниот систем и функционирањето на институциите“, се додава во реакцијата на ЗНАМ во која се потсетува дека лидерот Максим Димитриевски побарал лидерска средба со коалициските партнери на која ќе се разговара за ова прашање, ќе се дефинираат принципите и ќе се утврдат црвените линии.

Во однос на пораките и заканите упатени кон претседателот на ЗНАМ, вклучително и алузиите за Врање и повиците да внимава што зборува, Движењето смета дека ваквиот речник е несоодветен, неодговорен и недостоен за избрани народни претставници.

„Пратениците се избрани да ги застапуваат интересите на граѓаните во македонското Собрание, а не да испраќаат закани и да создаваат меѓуетнички тензии. Би сакале да го потсетиме господинот Ријад Шаќири дека пратеничката плата ја добива од буџетот на Република Македонија, кој го полнат сите граѓани, и Македонци и Албанци и припадници на сите други заедници. Затоа, наместо да упатува несоодветни пораки и да се занимава со други држави, би било одговорно својата енергија да ја насочи кон економскиот развој, подобриот животен стандард и решавањето на проблемите на граѓаните на оваа држава. Што се однесува до навредливите квалификации на Аднан Азизи за ЗНАМ, сметаме дека тие повеќе зборуваат за политичката нервоза во неговите редови отколку за нашата политичка позиција. Во однос на реакциите од ДУИ и најавениот бојкот на свечената седница по повод Денот на Куманово, жалиме што една свеченост посветена на градот и неговите граѓани преку шовинистички и сепаратистички наративи се користи за дневнополитички пресметки“, се наведува во реакцијата на ЗНАМ.

Оттаму порачуваат дека ЗНАМ нема да подлегне на притисоци, уцени и политички провокации.

 

Поврзани содржини