СО ЛАЖНИ ВЕСТИ САКАЛЕ ДА ГИ ОБВИНАТ МИГРАНТИТЕ И ИСЛАМОТ ЗА ПРОТЕСТИТЕ Руска мрежа ширела дезинформации во Франција

Тајна мрежа ширела измислени вести за силувања и терористички напади, претставувајќи ги како извештаи на западни медиуми. Според проценка на ЕУ, целта била да се поттикнат страв и поделби и да се прикаже француската влада како неспособна да ја контролира ситуацијата.

33

Тајна руска мрежа се обидела да ги искористи масовните протести во Франција за ширење дезинформации против мигрантите и за поткопување на довербата во француската влада. Мрежата објавувала лажни видеа, претставувајќи ги како вести од западни медиуми, со тврдења дека мигранти силувале демонстранти и дека на земјата ѝ се закануваат терористички напади.

Ова го покажува внатрешна проценка на Европската Унија, во која имал увид „Ројтерс“, објавена на 9 ноември.






Според документот, зад кампањата стои мрежата позната како „Операција Преоптоварување“, која дејствува од септември 2023 година. Нејзината цел била да ја претстави француската власт како слаба и сè поавторитарна, користејќи ги немирите за ширење недоверба и страв.

Протестите избувнаа во октомври поради зголемените трошоци за живот и кратењето на јавните услуги.

Демонстрациите прераснаа во насилни судири во повеќе француски градови. Руската мрежа се обидела да го искористи незадоволството за сопствена информативна кампања.

Европските аналитичари нагласуваат дека не пронашле докази оти Москва ги организирала, поттикнала или ги засилила протестите. Активностите ги опишуваат како обид за искористување на веќе постојните немири.

Анализата на ЕУ го опфаќа периодот од 7 до 21 октомври. Според неа, мрежата произведувала видеа што изгледале како автентични телевизиски прилози, користејќи го угледот на западните медиуми за да им даде привидна веродостојност на измислените информации.

Во некои од објавите лажно се тврдело дека мигранти силувале учесници на протестите, додека други предупредувале на наводно неизбежни терористички напади.

Целта била француската јавност да поверува дека неконтролираната имиграција стои зад насилството и дека властите ја изгубиле контролата.

Во документот на ЕУ се наведува дека ваквите кризи создаваат можности за поткопување на националните влади, поттикнување поделби и влијание врз јавното мислење пред изборите.

Посебна проценка на француското Министерство за надворешни работи покажала дека во ширењето негативни наративи за немирите учествувале и профили поврзани со Израел и со американското движење МАГА.

Фото: EPA/GUILLAUME HORCAJUELO

Овие профили ги поврзувале протестите со миграцијата и со радикалниот исламизам, но нивните активности не се претставени како дел од истата руска операција.

Десетте најгледани објави од проруските профили на платформата Икс собрале 2,8 милиони прегледи меѓу 16 и 18 октомври.

Во истиот период, десетте најгледани објави од профили поврзани со МАГА достигнале повеќе од 49 милиони прегледи, додека објавите од израелски функционери, медиуми и влијателни лица надминале 35 милиони прегледи.

Елина Трејгер, виш политиколог во американската истражувачка организација РАНД, ваквите кампањи ги опишува како долгорочна борба за обликување на јавните перцепции за западните демократии. Според неа, тие можат да го засилат антимигрантското расположение и да ги продлабочат политичките поделби.

Руското Министерство за надворешни работи не одговорило на барањето на „Ројтерс“ за коментар. Москва претходно ги отфрли француските обвинувања за ширење дезинформации.

Францускиот претседател Емануел Макрон на 21 октомври изјавил дека нема видливи докази за странско мешање во организирањето на протестите, но дека е забележана странска манипулација со информации.

Според британскиот Институт за стратешки дијалог, „Операција Преоптоварување“ користи и вештачка интелигенција за клонирање гласови на експерти, фалсификувани веснички наслови и манипулирани фотографии.

Мрежата ги приспособува своите кампањи на кризите во различни европски земји.

Поврзани содржини