📽️ ПОЧНА САДЕЊЕТО НА 3.500 НОВИ ДРВЈА ВО СКОПЈЕ Ѓорѓиевски најави вкупно 6.000 до крајот на сезоната
Започна акција за засадување 3.500 садници во парковите, покрај булеварите и на јавните површини. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека бројката ќе достигне 6.000 до крајот на сезоната.
Скопје треба да добие 6.000 нови дрвја до крајот на сезоната, а веќе започна акција за засадување на првите 3.500 садници, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Акцијата ќе ги опфати постојните и новите паркови, зелените површини долж булеварите и јавните простори во сите скопски општини.
„Секое ново дрво е влог во градот во кој живееме и во иднината на нашите деца. Повеќе сенка за летните денови, почист воздух и повеќе зелени места за прошетки, игра и дружење“, напиша Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави дека садењето нема да биде ограничено на одредени делови од градот.
„Ги опфаќаме постојните паркови, новите паркови што ги подигаме, зелените површини долж булеварите и јавните простори низ целиот град. Во секоја општина, за секое маало, за сите скопјани!“, посочи тој.
Ѓорѓиевски нагласи дека озеленувањето и одржувањето на чистотата остануваат меѓу неговите приоритети.
„Зелено и чисто Скопје е обврска на која сум силно посветен. Секој засаден корен денес е ветување за поздраво и поубаво утре. Зад нас нека останат дрвја што ќе растат, паркови што ќе живеат и дела што ќе траат. За Скопје што дише. За генерациите што доаѓаат. Скопје се сака со дела!“, порача градоначалникот.