И ЕУ МОРА ДА ПОКАЖЕ ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА Дијалогот со кандидатите мора да биде суштински и рамноправен

Претседателката потсети дека Македонија и Словенија уште во 1992 година добиле позитивно мислење од Бадинтеровата комисија, но дека денес имаат сосема различен европски статус.

54

Политичката волја за надминување на македонскиот евроинтеграциски застој не може постојано да се бара само од Македонија, туку мора да ја покаже и Европската Унија, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на самитот за проширување на ЕУ во Брисел, организиран од „Евроњуз“.

Таа побара рамноправен дијалог, еднаков третман на земјите кандидатки и креативни решенија за деблокирање на процесот, соопшти претседателскиот Кабинет.






Сиљановска-Давкова потсетила дека Бадинтеровата комисија уште во 1992 година утврдила дека Македонија и Словенија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање. Повеќе од 3 децении подоцна, Словенија е членка на ЕУ, додека Македонија сè уште чека да напредува во пристапниот процес.

Според претседателката, оваа разлика укажува на недостиг од политичка волја кај одредени соседи.

Уставот е менуван 36 пати

Претседателката потсетила и на Преспанскиот договор од 2018 година, кога Македонија го промени уставното име, а на граѓаните, како што посочила, им било претставено дека со тоа се отстранува последната пречка за европската интеграција.

Таа нагласила дека не може да гарантира нови уставни измени, бидејќи одлуката е во надлежност на Собранието, а неговиот легитимитет произлегува од граѓаните. Според неа, Уставот досега бил менуван 36 пати, најчесто под надворешен притисок.

Сиљановска-Давкова побарала Македонија да добие еднаков третман со другите кандидатки, според истите правила и стандарди, како и можност за рамноправно учество во подготовките за пристапните преговори.

– Политичката волја не може постојано да се очекува само од земјите кандидати, туку треба да се покаже и од страна на Унијата – изјавила Сиљановска-Давкова.

Интеграција и пред полноправното членство

Како можен излез од застојот, претседателката ја посочила постепената интеграција преку пристап до единствениот европски пазар, дигитализацијата и учеството во европските политики и механизми.

Таа истакнала дека Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и дека, како членка на НАТО, има јасна евроатлантска определба.

За реформите во правосудството, владеењето на правото и борбата против корупцијата, Сиљановска-Давкова оценила дека постојат капацитети за напредок, но дека се потребни домашна политичка волја и поттик од ЕУ.

Претседателката најавила дека ќе продолжи да се залага за дијалог со Бугарија, потсетувајќи на досегашните средби со бугарски претставници.

Во рамките на посетата се предвидени средби со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексус Грегори Гринкевич, во седиштето на сојузничките сили во Монс.

Поврзани содржини