ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ ТРАНСПОРТ СЕ ВАДИ ОД ТЕШКИТЕ ДУБИОЗИ Во моментов се оперативни 11 локомотиви, доволни за потребите

Ревизијата за 2024 година открила неправилности во управувањето со имотот, залихите, горивата и приходите, а дел од објектите и обврските не биле соодветно евидентирани. ЖРСМ Транспорт АД – Скопје соопштува дека од јули 2024 година се спроведува процес на финансиска и оперативна стабилизација, а значаен дел од корективните активности е интегриран во Акцискиот план 2026–2027 за стабилизација, модернизација и реформа на претпријатието.

326

ЖРСМ Транспорт информира дека презема мерки за отстранување на долгогодишните слабости во работењето, откако Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за 2024 година констатираше сериозни неправилности во управувањето со имотот, залихите, горивата и финансиите на компанијата.

Од компанијата велат дека ги прифаќаат препораките на ревизорите и дека од јули 2024 година спроведуваат процес на финансиска и оперативна стабилизација. Дел од активностите се вклучени во Акцискиот план 2026–2027, кој предвидува стабилизација, модернизација и реформа на железничкиот оператор.






Една од мерките е зајакнување на контролата врз ликвидноста, готовинските текови, побарувањата и обврските. Воведено е месечно известување за финансиското работење, а компанијата тврди дека направила и сметководствено усогласување на инвестициите во градежни објекти што веќе се користат, вклучително и пресметка на амортизацијата.

Во тек е и усогласување на материјалната со сметководствената евиденција на имотот, процес што треба да заврши до 31 декември 2026 година.

Компанијата работи и на нов систем за распределба на приходите и трошоците по одделни деловни сегменти. Со тоа, како што објаснуваат, треба попрецизно да се утврдуваат трошоците и резултатите од различните дејности, особено од патничкиот и товарниот превоз.

Во подготовка е и нова методологија за пресметка на надоместокот за јавната патничка услуга (ПСО), која треба да се темели на реалните и документирани трошоци и приходи, наместо на досегашниот модел.

Обнова на возниот парк и контрола на трошоците

Во однос на возниот парк, од ЖРСМ Транспорт најавуваат комбинација од набавка на нови возила и ремонти и рехабилитација на постојните, за кои ќе се утврди дека е економски оправдано да се обновуваат.

Паралелно, велат дека ги подобруваат контролите врз одржувањето, резервните делови и залихите, како и евиденцијата на потрошувачката на гориво, електрична енергија и вода. Изработен е и предлог-правилник за попис на имотот, а формирана е мешовита комисија за негово доработување.

Една од конкретните мерки за намалување на расходите е намалувањето на бројот на лица ангажирани со договор на дело – од 87 на 33, односно за околу 62 отсто. Од компанијата велат дека понатамошните ангажмани ќе се одобруваат само кога постои конкретна и документирана потреба, особено за работи неопходни за непречено одвивање на железничкиот сообраќај.

ЖРСМ Транспорт соопштува и дека ја зајакнал контролата врз судските и финансиските ризици. За првпат е воведена сметководствена евиденција за резервирање средства за судски постапки, согласно меѓународниот сметководствен стандард МСС 37.

Во однос на обврските кон АД МЕПСО, компанијата наведува дека во декември 2025 година склучила договор за одложена исплата на долгот, со утврдена динамика на отплата до декември 2028 година. Зајакната е и проверката на фактурите и документацијата пред нивното плаќање.

Од јули 2024 до октомври 2026 година, Секторот за внатрешна ревизија спровел 12 ревизии во различни организациони единици и работни процеси. Наодите од нив, според компанијата, се користат за подобрување на процедурите и контролата.

На приходната страна, ЖРСМ Транспорт најавува зголемување на меѓународниот товарен сообраќај по Коридорот 10 и поголема соработка со регионалните железнички оператори и логистички компании. Се анализираат и можностите за враќање на железницата во транспортот на домашните индустриски капацитети, односно за пренасочување на дел од товарите што сега се превезуваат со камиони.

Што утврдија ревизорите

Државниот завод за ревизија во извештајот за 2024 година констатираше дека ЖРСМ Транспорт располага со 62 локомотиви, но само девет се во функција. Според информации до кои дојде Плусинфо, во моментов се оперативни 11 локомотиви, што според Транспорт, се доволни за потребите на сегашниот обем на работа на претпријатието.

Според извештајот на ДЗР, од 1.382 товарни вагони, само 378 имаат важечка ревизија и се способни за сообраќај, додека преостанатите 1.004 се надвор од употреба. Од 16 патнички гарнитури функционални се пет, а од 47 патнички вагони се користат само два.

Ревизорите утврдиле и дека 71 отсто од залихите, во вредност од 342,3 милиони денари или околу 5,55 милиони евра, потекнуваат од периодот пред 2019 година, без соодветно вредносно усогласување. Забележани се и неправилности при приемот и издавањето гориво, вклучително и користење мерила што подолг период не биле баждарени.

Меѓу другото, ревизијата открила дека компанијата не ги евидентирала соодветно ниту работилниците за одржување на железничките возила, чија реконструкција чинела 118 милиони денари, иако објектите со години се користат. Констатирани се и нецелосна документација за дел од недвижниот имот, проблеми со подмирувањето на обврските кон доверителите и прекумерна потрошувачка на вода.

Во делот на приходите, ревизорите утврдиле помалку искажани приходи од услугите за користење локомотиви, како и давање услуги без јасно утврдени договорни односи и без соодветна ценовна политика.

Компанијата во 2024 година остварила загуба од 331,8 милиони денари, а вкупните акумулирани загуби достигнале 6,75 милијарди денари, односно околу 109,1 милион евра.

ЖРСМ Транспорт наведува дека ќе продолжи со спроведување на препораките на Државниот завод за ревизија, со утврдени рокови и одговорности за секоја активност.

Поврзани содржини