ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ ОСТАНУВА НА МАКЕДОНСКИ Димитриевски уверува дека ставот на ЗНАМ е непроменлив
Лидерот на ЗНАМ од Кочани порача дека нема отстапување од македонскиот јазик, Уставот и законите, а бугарските власти ги повика да постапат по потерницата за Ива Михајлова.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија продолжува со отчетот пред граѓаните. Под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, претседателот на Движењето, Максим Димитриевски, денеска во Кочани, заедно со партиското раководство, ги презентираше резултатите од изминатите две години и ги испрати, како што беше истакнато, јасните пораки за принципите од кои ЗНАМ нема да отстапи.
Во партиското соопштение се наведува дека за прашањата што ги засегаат македонскиот јазик, државниот суверенитет и почитувањето на Уставот и законите нема простор за политички пазарења.
Осврнувајќи се на шпекулациите и барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит, Димитриевски порача дека ставот на ЗНАМ е јасен и непроменлив.
– Сè додека ЗНАМ е дел од Владата, правосудниот испит ќе се полага согласно Законот и Уставот, на македонски јазик! Може да има различни барања, притисоци и шпекулации, но нашиот став е јасен. Тоа се нашите црвени линии и од нив нема да отстапиме. Законите и Уставот мора да се почитуваат, а македонскиот јазик е темел на нашиот државен идентитет. За принципите што ги застапуваме не бараме алиби и не прифаќаме компромиси што се спротивни на законите и Уставот – истакна Димитриевски.
Претседателот на ЗНАМ се осврна и на случајот со Ива Михајлова, посочувајќи дека ниската излезност на изборите во Бугарија и апатичната атмосфера кај бугарските граѓани, според него, не смеат да се прикриваат преку создавање лажни политички теми, провокации и обиди за вршење притисок врз Македонија.
– Поразително ниската излезност на изборите во Бугарија и апатијата кај бугарските граѓани не можат да се покриваат со креирање лажни политички теми и обиди за политички притисок врз Македонија. Во однос на случајот со Ива Михајлова, ги повикувам бугарските власти да постапат согласно потерницата издадена од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и да ја екстрадираат за да одговара пред надлежните институции за случајот за кој се товари. Очекуваме почитување на правните процедури и соработка со надлежните институции. Македонија е суверена држава и нема да дозволиме создавањето лажни политички теми да го потисне почитувањето на правниот поредок – нагласи Димитриевски.
На панел-дискусијата во Кочани се обратија и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и потпретседател на ЗНАМ, Борче Серафимовски, пратеникот и потпретседател на Движењето, Павле Арсоски, како и директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов.
Серафимовски ги презентираше мерките и активностите за поддршка на македонските земјоделци, за јакнење на домашното производство и за подобрување на условите за работа во земјоделството.
Арсоски се осврна на улогата на Собранието во донесувањето значајни законски решенија и во реформските процеси, додека Андов зборуваше за потенцијалите на природните ресурси на Македонија и нивното одговорно искористување во функција на економскиот развој.
Со отчетот во Кочани, ЗНАМ ја продолжува политиката на директна комуникација со граѓаните, презентирајќи ги резултатите од досегашната работа и поставувајќи ги приоритетите за периодот што следува.
За ЗНАМ, како што се наведува во соопштението, отчетот не е формалност, туку обврска кон граѓаните – две години работа, две години резултати и определба Македонија да биде држава во која важат законите и се штитат националните интереси.