БРВЕНИЦА ДА БИДЕ ОПШТИНА ЗА СИТЕ, ПОРАЧА РАДИЧЕВСКИ Водоснабдувањето, патиштата и младите меѓу приоритетите

На завршниот митинг пред вториот круг од локалните избори, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Брвеница ги посочи водоснабдувањето, локалните патишта, образованието и можностите за младите како важни предизвици за општината.

30

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Брвеница, Стојанчо Радичевски, на завршниот митинг пред вториот круг од локалните избори повика на единство и поддршка за бројот 1. Тој порача дека општината им припаѓа на сите нејзини жители, без оглед на етничката, верската или политичката припадност, и дека развојот не смее да познава поделби.

Радичевски рече дека присуството на граѓаните на митингот и нивната сплотеност му даваат дополнителна сила, но и обврска да продолжи да работи за развојот на општината.






– Овој поглед ме прави горд и ми дава дополнителна сила да продолжиме да ја негуваме и да ја сочуваме силата на единството. Кога ве гледам пред мене сите сплотени и обединети, тоа е порака дека Брвеница сака развој, напредок и подобри услови за живот. Тоа е и обврска резултатите да продолжат, а довербата што ми ја давате да ја оправдаме со конкретни дела – рече Радичевски.

Тој посочи дека во разговорите со жителите ги слушнал нивните потреби и проблеми, а меѓу главните предизвици за општината ги издвои водоснабдувањето, локалните патишта, зимското одржување, условите во училиштата и можностите за младите.

– Вечерва ви се обраќам како ваш пријател, познаник и сосед, како човек кој ја сака Брвеница и сака нашата општина да биде успешна. Во изминатиот период со многумина од вас ја споделив својата визија за иднината на општината. Секој разговор, секоја средба, секоја искажана потреба е одговорност, а таа одговорност бара посветеност, присуство на терен и конкретна работа – истакна тој.

Радичевски нагласи дека пред општината претстојат важни предизвици и дека за нивно решавање се потребни сериозен пристап, планирање и конкретни мерки што ќе го подобрат секојдневието на граѓаните.

Посебен дел од обраќањето посвети на заедништвото, порачувајќи дека Брвеница не смее да се дели по партиска, етничка или верска основа.

– Сакам да бидам јасен, оваа општина не припаѓа на една партија, ниту на една етничка заедница. Брвеница е на сите што живеат овде – во Брвеница, Седларце, Стенче, Волковија, Блаце, Милетино, Радиовце, Челопек и Гургурница, на сите без исклучок. Никој не треба да биде исклучен, потценет или заборавен – порача Радичевски.

Тој додаде дека Македонците, Албанците, Турците и припадниците на сите други заедници треба да имаат еднакви можности, достоинствени услови за живот и перспектива за своите семејства.

– Брвеница има потреба од дијалог, меѓусебна почит и заедничка одговорност. Нашата визија треба да биде насочена кон иднината, кон развојот и кон конкретни резултати. Развојот на општината не смее да познава поделби. Секое населено место заслужува внимание, секој граѓанин заслужува почит, а секоја добра идеја заслужува поддршка – рече кандидатот за градоначалник.

Како приоритети ги посочи можностите за младите, квалитетното образование, подобрата инфраструктура и создавањето услови за економски развој. Според него, младите треба да имаат можност да ја градат својата иднина во општината во која пораснале, да работат, да создаваат и да ги формираат своите семејства во родниот крај.

Радичевски ја претстави визијата „Една Брвеница за сите“ како концепт за долгорочен и рамномерен развој, кој ги опфаќа сите населени места, генерации и граѓани. Тој порача дека иднината на општината треба да се гради преку соработка, заедничка одговорност и конкретни проекти.

На крајот од обраќањето, Радичевски ги повика граѓаните во недела да излезат на гласање и да го заокружат бројот 1.

– За нашата општина, за нашите деца и за нашите идни генерации, во недела ве повикувам да ја продолжиме идејата за една Брвеница за сите, да гласаме за бројот 1, да ја заокружиме заедничката победа и да ја сочуваме силата на единството. Една Брвеница за сите – порача Радичевски.

Поврзани содржини