УКИНАТИ ПРЕСУДИТЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЈ ЗАГИНАА 14 ПАЦИЕНТИ Повторно судење за директорите на тетовската болница

Врховниот суд ги уважи барањата за вонредно преиспитување на пресудите на Флорин Бесими и Артан Етеми и го врати предметот на повторно одлучување. Казните на двајцата директори претходно беа зголемени на по три години затвор.

109

Врховниот суд ги укина пресудите со кои поранешните директори на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, беа осудени за случајот со пожарот во модуларната болница во кој загинаа 14 пациенти, а 12 беа повредени. Предметот е вратен во Основниот суд Тетово на повторно судење и одлучување.

Одлуката е донесена на 22 октомври 2026 година, откако Советот за казниви дела при Врховниот суд ги уважил барањата на осудените за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени преку нивните бранители.






– Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 22.10.2026 година, донесе пресуда во предметот КВП2-36/26 (во јавноста познат како Модуларна болница Тетово), со која ги уважи барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на осудените, поднесени преку нивните бранители, а пресудата на Основен суд Тетово К-512/24 од 16.05.2025 година и пресудата на Апелациониот суд Гостивар КЖ-211/25 од 26.11.2025 година, ги укина и предметот го врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување – соопшти Врховниот суд.

Во истото соопштение Судот информира дека барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од обвинетото правно лице, ЈЗУ Клиничка болница Тетово, е отфрлено како недозволено.

Ова не е првпат предметот да биде вратен на повторно судење. Во декември 2025 година, Апелациониот суд Гостивар донесе одлука со која им ги зголеми казните на поранешните директори. На Флорин Бесими и на Артан Етеми казните им беа зголемени од една и пол на три години затвор, додека паричната казна за Клиничката болница Тетово беше зголемена од еден на 1,3 милиони денари.

Пожарот во модуларната болница во Тетово избувна на 8 септември 2021 година. Во трагедијата загинаа 14 лица, а 12 пациенти беа повредени. Сите жртви беа пациенти лекувани од ковид-19.

Паралелно со судскиот процес за пожарот, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на 20 август 2026 година ја затвори и речиси пет години долгата предистражна постапка за набавката и изградбата на 19 модуларни болници во земјава.

Од Обвинителството тогаш оцениле дека нема докази за злоупотреба на службената положба и овластување, ниту за друго кривично дело што се гони по службена должност.

Поврзани содржини