МИЦКОСКИ Е ЗА ОТВОРАЊЕ РУДНИК ЗА АНТИМОН КАЈ КРИВА ПАЛАНКА Штука и Иловица е предмет на судска постапка

Премиерот ја поддржа идејата за рудник за антимон во Луке и рече дека арбитражниот спор за „Казандол“ завршил во корист на државата. Во однос на „Иловица – Штука“, се повика на судска одлука за спојувањето на концесиските подрачја.

60

Премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања ја поддржа идејата за отворање рудник за антимон во селото Луке, во Крива Паланка, тврдејќи дека поддршка за проектот дава и градоначалникот на општината од редовите на СДСМ.

– За рудникот за антимон во Луке, во Крстов Дол, во паланечко, сум за. И вашиот градоначалник има ист став – рече Мицкоски, посочувајќи дека станува збор за еден од ретките градоначалници на СДСМ.






Според премиерот, локалниот градоначалник има поинаков став од актуелното партиско раководство и од пратеникот на кој му одговарал.

– Тој застана во насока на поддршка на тој рудник за антимон. Поконкретно од ова не можам да ви одговорам – изјави Мицкоски.

Осврнувајќи се на случајот „Казандол“, премиерот рече дека арбитражната постапка произлегла од политиките на претходната влада, која го раскинала договорот за проектот. Тој тврдеше дека во постапката, која актуелната влада ја наследила, имало сведочења според кои претходната власт била подготвена да постигне спогодба и да исплати одредена сума за да го изгуби спорот.

– Се спомнуваа цифри од 20 до 30 милиони долари, а потоа, нормално, поединци да добијат одредена награда. Но, не знам дали тоа е вистина – рече Мицкоски, нагласувајќи дека станува збор за тврдења изнесени во рамките на сведочењата, а не за нешто што тој го потврдува како факт.

Мицкоски истакна дека арбитражниот спор за „Казандол“ завршил во корист на македонската влада и дека украинската компанија, која била концесионер и ја покренала постапката, треба да ги плати трошоците поврзани со арбитражата.

– Како заврши процесот? Со победа на македонската влада. Дури и странката во спорот, украинската компанија, треба да ги плати трошоците за арбитражата. Државата ќе плати нула – рече премиерот. Тој оцени дека исходот е резултат на, како што рече, домаќинско и одговорно работење на актуелната влада во интерес на граѓаните.

Во однос на проектот „Иловица – Штука“, Мицкоски рече дека неговите почетоци датираат од времето на владата предводена од Владо Бучковски, кој бил предлог на СДСМ. Потоа, како што наведе, во периодот на владата на СДСМ и ДУИ, Министерството за економија донело одлука за спојување на двете концесиски подрачја во областа меѓу Штука и Иловица. Премиерот ја обвини тогашната власт дека нејзини членови подоцна се оградувале од одлуката, иако, според него, присуствувале на владината седница и гласале за неа, за што, како што рече, постојат стенограми. Тој додаде дека само една недела подоцна била донесена нова одлука со која се поништувало претходното спојување на концесиските подрачја.

Според Мицкоски, концесионерите потоа повеле судска постапка, а актуелната влада добила одлука од Вишиот управен суд со која се поништува второто решение, односно одлуката за поништување на првичното спојување, со што повторно стапила во сила одлуката за спојување на концесиските подрачја.

– За да се спојат тие подрачја, потребен е анекс на договорот, а анексот на договорот не е регулиран со законот – рече премиерот. Тој не најави конкретен следен чекор во врска со проектот, но ја поврза темата со ставот на Владата дека нема да презема дејствија спротивни на интересите на граѓаните.

– Оваа влада, запомнете, никогаш нема да направи ништо што е спротивно на интересите на граѓаните. Јас не ја распродавам државата, туку само го враќам она што вие го распродадовте – рече Мицкоски, обвинувајќи ја претходната власт за одлуки што, според него, биле на штета на државните интереси. Како примери ги наведе прашањата поврзани со името на државата, територијата и, како што рече, плантажите со марихуана, француските предлози и откажувањето од „македонскиот род“.

– Тоа јас го враќам – заклучи премиерот на собраниската седница за пратенички прашања.

Поврзани содржини