НИКОЈ НЕ МУ КАЖАЛ НА ВТОРИОТ ВОЗ ДЕКА НА ПРУГАТА ИМА ВОЗ ВО ДЕФЕКТ Се утврдуваат причините за несреќата во Шпанија

Уште пред три недели, генералниот директор на „Ирио“, Фабрицио Фавара, во шпанскиот Сенат предупредил на проблеми со сигнализацискиот систем ЛЗБ на брзата линија Мадрид – Севилја, посочувајќи дека прекините во комуникацијата предизвикуваат запирање на композициите и го отежнуваат сообраќајот, пренесува „Паис“.

63

Дефект во сигнализацискиот систем ѝ претходел на тешката железничка несреќа во близина на местото Урда, во шпанската провинција Толедо, при што машиновозачката на возот на компанијата „Ирио“ двапати безуспешно се обидела повторно да го активира системот и да го оспособи возот за продолжување на патувањето.

Во несреќата загинаа 69 лица, а повеќе од 200 се повредени. Уште пред три недели, генералниот директор на „Ирио“, Фабрицио Фавара, во шпанскиот Сенат предупредил на проблеми со сигнализацискиот систем ЛЗБ на брзата линија Мадрид – Севилја, посочувајќи дека прекините во комуникацијата предизвикуваат запирање на композициите и го отежнуваат сообраќајот, пренесува „Паис“.






Според реконструкцијата на настаните што ја претстави шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте, контролниот центар на државниот управувач „Адиф“ го презел управувањето по дефектот на дел од пругата каде што ЛЗБ престанал да работи. На машиновозачот на возот АВЕ на „Ренфе“ во 8:36 часот му било одобрено да продолжи со нормална брзина, додека во 8:41 часот на возот на „Ирио“ му било наложено да тргне по исклучувањето и повторното поврзување на системот ЛЗБ, со преминување во резервниот режим БСЛ.

Меѓутоа, машиновозачката на возот „Ирио“ број 6076 двапати безуспешно се обидела да го активира системот. Секој обид траел од три до четири минути (вкупно околу осум минути), а моделот „Хитачи ЕТР 1000“ не успеал да воспостави врска. По вториот неуспешен обид, таа контактирала со контролниот центар на својата компанија и со службата за одржување, а повеќепати му потврдила и на центарот на „Адиф“ дека возот е запрен кај влезниот сигнал за станицата Урда.

Аудиоснимките од комуникацијата укажуваат и на можна забуна во Атоха, каде што операторите зборувале за возот како да се движи, иако тој стоел. Во 8:48 часот, вработен во центарот навел дека возот има проблеми и се движи со ограничена брзина од 40 километри на час до запирањето, што не одговарало на фактичката состојба.

Возот на „Ренфе“ се наоѓал на околу 25 километри зад композицијата на „Ирио“ и се движел во иста насока. Судирот се случил во 8:53 часот при брзина од 200 километри на час, во моментот кога машиновозачката на „Ирио“ сè уште разговарала со службата за одржување.

Експертите укажуваат на можноста проблемите кај „Ирио“ да се совпаднале со постепеното обновување на ЛЗБ на пругата, што му овозможило на возот на „Ренфе“ да продолжи во резервен режим. Пред сенатската комисија, Фавара претходно укажа и на недостатоци во размената на информации меѓу „Адиф“ и операторите, нагласувајќи дека прописите не го обврзуваат управувачот на мрежата последователно да ги известува компаниите за преземените мерки по пријавен дефект.

Снимките од комуникацијата и податоците од црните кутии сега треба да помогнат во целосното утврдување на техничката состојба, постапките на екипажите и можните пропусти во контролниот центар пред оваа несреќа што Пуенте ја опиша како исклучително необичен настан.

Поврзани содржини