НЕТАНЈАХУ ВОДИ, НО ТЕШКО ЌЕ СТИГНЕ ДО МНОЗИНСТВО ЗА ВЛАДА Неизвесност по изборите во Израел
Според најновите делумни проекции, партијата Ликуд на Нетанјаху има 28 места во парламентот, Јашар на Ајзенкот има 21, а според некои проекции, блокот партии блиски до Ликуд имаат 50 мандати, а опозицискиот блок предводен од Јашар на Ајзенкот има 52 мандати. Надвор од овие два блока се 18 освоени мандати, а за мнозинство се потребни 61 пратеник.
Партијата Ликуд на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е во водство по парламентарните избори во Израел што се одржаа вчера, но првичните резултати не му обезбедуваат мнозинство за формирање влада.
Главниот ривал на Нетанјаху, Гади Ајзенкот и неговата партија Јашар се на второто место, а политичките аналитичари предупредуваат дека преговорите за составување владина коалиција би можеле да бидат долги и комплицирани.
Според делумните официјални резултати објавени утрово од Централната изборна комисија, по пребројани околу 60,2 проценти од гласовите, блокот на актуелната владејачка коалиција се проектира со 56 пратенички места, додека блокот што се залага за политичка промена има 48. За мнозинство во Кнесетот, израелскиот парламент со 120 пратеници, потребни се најмалку 61 место. Резултатите сè уште се привремени и може да се менуваат со пребројувањето на преостанатите гласови.
Колку освоија главните партии?
Според најновите делумни проекции објавени утрово, партијата Ликуд на Нетанјаху има 28 места, Јашар на Ајзенкот има 21, Демократите 8, Обединетиот јудаизам на Тората има 8, Итамар Бен-Гвир 7 места во парламентот итн.
На изборите учествуваа и други значајни партии, меѓу кои листата „Заедно“ на Нафтали Бенет, која освои 12 мандати, Израел Бејтену на Авигдор Либерман со 9 мандати и ШАС, која освои 8 мандати .
Заедничката листа на арапските партии освои 11 мандати. Нејзините места се особено важни за идните коалициски комбинации.
Според некои проекции, блокот партии блиски до Ликуд на Нетанјаху имаат 50 мандати, опозицискиот блок предводен од Јашар на Ајзенкот има 52 мандати, а надвор од овие два блока се 18 освоени мандати.
Зошто е тешко да се состави влада?
Главниот проблем не е само колку места освои секоја партија, туку кои партии се подготвени да соработуваат меѓусебно.
Нетанјаху повика на формирање силна десничарска национална влада и ја истакна воената позиција на Израел, вклучително и можноста за продолжување на заедничките активности со американскиот претседател Доналд Трамп против Иран. Но, неговите десничарски и религиозни сојузници не обезбедуваат сигурно мнозинство од 61 пратеник.
Ајзенкот, поранешен началник на Генералштабот на израелската армија, порача дека гласачите избрале промена и повика на нова политичка ера. Сепак, и неговиот блок се соочува со проблем: дел од партиите што се противат на Нетанјаху претходно исклучија можност за формирање влада со арапските партии или зависност од нивната поддршка.
Токму затоа арапските партии би можеле да станат клучни за исходот. Според изборните проекции, тие освоија значителен број места, но нивната евентуална поддршка за влада предводена од Ајзенкот би барала промена на досегашните политички позиции на дел од неговите потенцијални партнери. Друга можност е договор со дел од религиозните партии, но и тоа би подразбирало тешки отстапки за прашања како задолжителната воена служба за ултраортодоксните Евреи.
Политичкиот аналитичар Јоханан Плеснер, претседател на Израелскиот институт за демократија, оцени дека резултатите од излезните анкети укажуваат на сериозен удар за коалицијата на Нетанјаху, но предупреди дека Ајзенкот не излегува како јасен победник и дека пребројувањето сè уште може да ја промени сликата.
Избори по три години војна и политички поделби
Ова се првите парламентарни избори во Израел по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кој ја потресе земјата и беше проследен со војни во Газа, Либан и, подоцна, со конфликтот со Иран. Изборната кампања беше обележана со прашањата за безбедноста, одговорноста за пропустите што му претходеа на нападот на Хамас и за начинот на кој Нетанјаху ја водеше државата во воени услови.
Нетанјаху, кој е на власт во поголемиот дел од последните три децении, се соочува и со судски процес за корупција, по обвиненија што ги негира. Неговите противници бараат независна државна истрага за безбедносните пропусти од 7 октомври, додека премиерот ја брани својата политика и ги истакнува воените резултати на Израел.
Излезноста на изборите достигна 77,7 проценти, највисока од 1999 година, што укажува на силна мобилизација на гласачите. Сепак, високата излезност не донесе јасен победник, туку парламент во кој помалите партии би можеле да имаат пресудна улога.
Што следува?
Откако ќе се пребројат гласовите и ќе се потврдат конечните резултати, претседателот на Израел, Исак Херцог ќе разговара со партиските лидери и ќе го избере кандидатот за кој смета дека има најголеми шанси да состави влада. Номинираниот кандидат има до 42 дена да обезбеди мнозинство. Ако не успее, може да добие шанса друг кандидат, а ако не се формира влада, земјата би можела да оди на нови избори. Во меѓувреме, Нетанјаху останува премиер во технички мандат.
Израел веќе има искуство со долги политички блокади: во периодот од 2019 до 2022 година земјата одржа 5 изборни циклуси пред да се стабилизира парламентарното мнозинство. Аналитичарите затоа не ја исклучуваат можноста и сегашните преговори да траат со недели или со месеци.
Видството на Ликуд не му гарантира на Нетанјаху нов премиерски мандат, а Ајзенкот има можност да ја обедини опозицијата, но ќе мора да ги надмине несогласувањата околу арапските и религиозните партии, со што, Израел влегува во период на политичка неизвесност.