ПРИМИРЈЕ ЗА СПАС НА ЦИВИЛИТЕ ВО ОЛЕШКИ По недостигот од храна и вода, се отвора пат за евакуација

Ограничениот прекин на огнот, за кој се наведува дека е договорен со посредство на Меланија Трамп, треба да овозможи доставување храна и медицинска помош, расчистување на минираните патишта и евакуација на цивилите во петок.

70

Во украинскиот град Олешки, кој е под руска окупација, денеска стапи во сила примирје со цел да се овозможи доставување хуманитарна помош и евакуација на цивилите во петок. Жителите со недели се соочуваат со недостиг од храна, вода и електрична енергија, јави Би-Би-Си.

Украинските претставници и руското Министерство за одбрана соопштија дека ограничениот прекин на огнот се почитува. Од Белата куќа претходно информираа дека договорот бил постигнат со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп.






Папата Лав XIV претходно овој месец упати апел до рускиот претседател Владимир Путин да дозволи доставување храна и медицинска помош во Олешки, како и безбедна евакуација на населението. Тој го повика и украинскиот претседател Володимир Зеленски да соработува со Москва за постигнување прекин на огнот.

Олешки се наоѓа на линијата на фронтот во областа Херсон. Од едната страна градот е опкружен со реката Днепар, која го одвојува од украинските позиции, а од другата страна се руските сили.

Условите за живот се исклучително тешки. Некои жители, во обид да преживеат, прибегнале кон варење плевел во своите градини. Во изјави за Би-Би-Си, тие опишале екстремен глад и рекле дека сакаат да го напуштат градот.

Според процените на Киев, во Олешки и околното подрачје сè уште има до 6.000 луѓе, меѓу кои и околу 200 деца. Во самиот град, според истите процени, живеат околу 1.700 лица.

Се очекува примирјето да овозможи доставување хуманитарна помош и отстранување на мините од патиштата, за да може цивилното население безбедно да биде евакуирано во петок.

Поврзани содржини