📽️ ИСТАНБУЛ СЕ ПРЕТВОРИ ВО ЕЗЕРО Поплавени подвозници, возила заглавени во вода и хаос во сообраќајот

Обилните дождови поплавија улици и подвозници во Истанбул, а сообраќајниот метеж утринава достигнал 80 отсто. Метеоролозите предупредуваат на можни нови поплави и врнежи во наредните денови.

68

Обилните дождови што го зафатија Истанбул во текот на ноќта, а утринава дополнително се засилија, предизвикаа поплави на улиците и патиштата. Некои подвозници се претворија во езера, а дел од возилата останаа заглавени во водата. Сообраќајот во турската метропола беше сериозно отежнат, при што, според податоците на градската управа, околу 8:55 часот метежот достигнал дури 80 отсто.

Генералната дирекција за метеорологија на Турција („MGM“) издаде портокалово и жолто метеоролошко предупредување за 11 провинции поради најавените обилни врнежи. Портокалово предупредување е во сила во Мугла, додека жолто предупредување е издадено за Анталија, Баликесир, Бурса, Чанаккале, Денизли, Истанбул, Измир, Коџаели, Текирдаг и Јалова.

 






 

View this post on Instagram

 

A post shared by Asayiş Berkemal (@asayisberkemal34_)

Надлежните ги повикаа граѓаните да бидат внимателни поради опасноста од поројни поплави, удари од гром, силен ветер и нарушувања во сообраќајот.

Дождот утринава зафати речиси цел Истанбул, отежнувајќи го движењето на граѓаните кои тргнале на работа и на училиште. Додека некои се штителе со чадори, други чекале врнежите да ослабнат.

Најголеми проблеми биле регистрирани во источните делови на градот, особено во окрузите Тузла и Пендик, каде што големи количества вода се излеале на улиците и патиштата. Некои подвозници биле целосно поплавени, а возила останале заглавени во водата.

Проблеми биле пријавени и на автопатот ТЕМ во Бајрампаша, како и на одделни улици и патишта во Аташехир.

Обилните врнежи предизвикале голем сообраќаен метеж на главните сообраќајници, вклучително и на автопатите ТЕМ и Д-100. Возилата се движеле бавно, со чести запирања, а сообраќајните несреќи дополнително го отежнувале протокот на сообраќајот.

 

Меѓу луѓето кои се нашле во неволја поради невремето е и Џенгиз Бекташ. Неговиот автомобил се изгасил додека се обидувал да помине низ поплавен подвозник во населбата Чамчешме, во округот Пендик.

Бекташ ја возел својата ќерка на универзитет кога возилото ненадејно престанало да работи. Тие останале заглавени, но со помош на минувачи успеале да излезат од автомобилот.

– Утринава сите поминуваа, вклучително и комбињата што превезуваат патници. Додека минував, автомобилот одеднаш се изгаси. Едвај се спасивме живи. Ја возев ќерка ми на универзитет. Ни помогнаа да излеземе одовде. Повикав шлеп-служба и ја чекам – изјавил Бекташ.

Според прогнозите, дождот во одделни делови на Истанбул би можел да продолжи и во текот на денот.

 

Метеорологот, професор доктор Орхан Шен, предупреди дека постои опасност од нови поплави, особено во деловите на Истанбул кои веќе беа погодени од претходните врнежи. Тој зборувал за ризиците при гостувањето на телевизијата „CNN Türk“.

Шен објаснил дека почвата е веќе заситена со вода поради дождовите што паѓале минатата недела. Поради тоа, и новите врнежи би можеле да предизвикаат истекување и излевање на водата на патиштата и во населените места.

– Дождот почна да ги зафаќа западните делови на земјата. Во Истанбул стигна и до северните окрузи, како Шиле, Саријер и Бејкоз. Околу пладне ќе се придвижи кон европската страна на градот, а пообилни врнежи се очекуваат во областа на Башакшехир и Арнавутќој – изјавил Шен.

Според него, не се очекува дождот да биде толку силен како минатата недела, но натопената почва може да предизвика површинско истекување на водата и нови поплави.

Посебен ризик постои во областите што веќе биле поплавени, особено ако одводните системи и каналите не се исчистени и подготвени да ги прифатат новите количества вода.

Шен проценува дека врнежите во Истанбул би требало да ослабнат во текот на попладнето, а дождот да престане околу 15 часот. Сепак, ново влошување на времето се очекува во наредните денови, а во четврток градот повторно би можеле да го зафатат нешто пообилни врнежи.

Меѓу областите кои би можеле да бидат особено погодени ги издвоил Башакшехир, Арнавутќој, Ајазага и Саријер. Според неговата процена, во одделни делови би можеле да наврнат околу 50 литри дожд на квадратен метар.

Метеорологот предупредил и на обилни врнежи долж јужниот брег на Турција, особено во областа на Анталија, каде што неповолните временски услови се очекува да продолжат и во наредните денови.

Според Шен, опасноста од обилни врнежи во Анталија ќе остане висока најмалку до петок.

Тој укажал и на можноста за појава на водни пијавици, односно торнада над морето и во крајбрежните области, поради високите температури на морската вода. Според неговата процена, ризикот од вакви појави би можел да се задржи до крајот на ноември.

Метеоролошките служби ги повикаа граѓаните да ги следат официјалните предупредувања и да бидат особено внимателни во областите подложни на поплави, како и на патиштата на кои водата брзо се задржува.

Поврзани содржини