РЕБАЛАНСОТ ОБЕЗБЕДУВА РАЗВОЈ И ИЗГРАДБА НА ИНФРАСТРУКТУРАТА Јавните пари се трошат одговорно и во интерес на граѓаните

Суштината на овој ребаланс е јасна: да се усогласат буџетските средства со реалната динамика на проектите, а истовремено да се продолжи со инвестициите што ги поврзуваат регионите, ги развиваат општините и создаваат услови да продолжи економскиот раст, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет.

34

Буџетот не е статичен документ и тој мора да одговори на реалните околности особено кога економските услови и очекувањата за негово извршување се менуваат, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.

Според него, одговорното управување подразбира навремено приспособување на приходите и расходите, зачувување на приоритетите и редовно исполнување на обврските кон граѓаните.






– Со предложениот ребаланс, вкупните приходи на Буџетот се намалуваат од 379,5 на 374,2 милијарди денари, додека вкупните расходи се намалуваат од 425,8 на 420,5 милијарди денари. Тоа е намалување од приближно 5,3 милијарди денари и на приходната и на расходната страна, а буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од бруто-домашниот производ. Со ребалансот не се планира дополнително зголемување на дефицитот – рече Петрушевски.

Тој објасни дека со ребалансот се намалуваат капиталните расходи.

– Со ребалансот капиталните расходи се намалуваат за околу 5,8 милијарди денари. При планирањето на расходите се земени предвид реалната динамика на проектите и времето што преостанува до крајот на фискалната година. Ни останува помалку од два месеци, па затоа планираните средства се усогласени со реалните можности за нивното извршување. Целта на овој буџет е да биде реален, а средствата да се планираат во согласност со очекуваната динамика за реализација. Важно е да се следи извршувањето и да се обезбеди продолжување на приоритетните проекти – рече тој.

Петрушевски потсети дека паралелно се одвива голем инвестициски циклус на целата територија на Македонија како што се шесте автопатски делници, двете гасоводни интерконекции, прекугранична електроенергетска инфраструктура, железничката инфраструктура, кои се важни од аспект на поврзаноста, енергетската сигурност и конкурентноста на економијата.

– Суштината на овој ребаланс е јасна: да се усогласат буџетските средства со реалната динамика на проектите, а истовремено да се продолжи со инвестициите што ги поврзуваат регионите, ги развиваат општините и создаваат услови да продолжи економскиот раст. Нашата обврска не е само да изгласаме буџет или ребаланс. Нашата обврска е да обезбедиме јавните пари да се трошат одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните. Секој денар од Буџетот мора да има јасна цел и оправдување. Овој ребаланс е избор на одговорност пред популизам, стабилност пред финансиска неизвесност и конкретни резултати пред празни ветувања – рече Петрушевски.

Поврзани содржини