ЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВИ МОСТОВИ ВО САРАЈ И ВО НОВО ЛИСИЧЕ, КАЧАНИЧКИ ПАТ ЌЕ СТАНЕ БУЛЕВАР Отчет на скопскиот градоначалник по една година од мандатот
Се работи на потребната документација за изградба на двата кружни тека што ќе бидат во функција на подземната сообраќајница зад Старата железничка станица и до крајот на мојот мандат како градоначалник, Скопје ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница, рече скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Пред една година, стоејќи токму тука пред вас, се обврзав дека ќе го промениме девастираното Скопје во кое сите живеевме. Дека ќе го запреме неговото пропаѓање. Дека повторно ќе го направиме силен, достоинствен и пред сè горд град. Ви ветив работа и дела. Денес сум повторно пред вас, да положам отчет за тоа ветување, рече денеска граоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, на прес конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, по повод една година од неговиот избор на функцијата.
– Работевме силно. Работевме деноноќно. Со сознание дека зад секој нерешен проблем стојат луѓе чиј живот не може да чека да дојдат подобри времиња. Наша должност беше да ги создадеме тие подобри времиња. Тежината на задачата ја знаевме. Од одговорноста не отстапивме. Затоа што постојат моменти кога еден град мора да реши дали ќе продолжи да се навикнува на сопственото пропаѓање или ќе собере сила и ќе застане на нозе. Ние решивме да станеме. Да се зафатиме со најтешкото. Да ги отвориме прашањата што предолго биле одложувани. И да истраеме таму каде што секое ново откажување ќе значеше уште една изгубена надеж за нашите граѓани – рече Ѓорѓиевски.
Намалени долгови
Немавме право да ја изневериме таа надеж, додаде тој. Вашата доверба, посочи, за мене беше обврска што ја носев секое утро, со секоја одлука и пред секоја пречка, обврска да преземам одговорност, да барам решение и да останам на задачата сè додека работата не биде завршена.
– Денес, по една година, имаме конкретни дела за кои можеме да зборуваме. Но, имаме и јасна свест за сето она што допрва мора да го направиме. Секој постигнат резултат ја зголемува нашата одговорност за следниот. Затоа, овој отчет го давам со гордост за сработеното и со решителност за она што следува. Пред една година побарав од вас доверба да докажеме дека можеме. Денес пред вас ги ставам делата што покажуваат дека можеме. И ви давам збор – ќе истраеме. Со работа, со храброст и со целата сила што ја имаме, сè додека промената не стигне до секое скопско маало – рече скопскиот градоначалник.
Првата одговорност беше да создадеме цврста основа за сето она што го ветивме, продолжи тој.
– Секој денар во градскиот буџет е доверба на граѓаните и мора да биде употребен одговорно. Затоа се зафативме со долговите, со обврските и со финансиската дисциплина — решени да му ја вратиме на градот способноста да инвестира и да се развива. Со посветена и одговорна работа, за само неколку месеци од почетокот на мандатот, успеавме целосно да ја консолидираме финансиската состојба на Градот Скопје, и покрај наследениот долг од речиси 300 милиони евра и девастирани јавни претпријатија. Град Скопје ги намали тековните обврски за 322,1 милиони денари и за дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити, неисплатени експропријации, изгубени судски постапки со камати и судски трошоци, неисплатени субвенции и преземени програмски активности – рече Ѓорѓиевски.
Тој информира дека обврските се значително намалени во сите јавни претпријатија: „Водовод и канализација“ – за 1,66 милијарда денари; ЈСП „Скопје“за 634 милиони денари; „Комунална хигиена“ за 122 милиони денари; „Паркови и зеленило“ за 114 милиони денари; „Градски паркинг“ за 53 милиони денари; „Улици и патишта“ за 32 милиони денари.
– Музејот на Град Скопје, кој минатата година имаше сериозни долгови и исклучена струја, денес има нула денари обврска. КИЦ, кој беше препознатлив по долгови, до крајот на септември ќе има нула обврски, додека ДКЦ и Културниот дом „Кочо Рацин“ веќе се целосно раздолжени. МКЦ ги намали обврските за 7,6 милиони денари, а обезбедени се и средства за Планетариумот, киното „Милениум“ и за е-спорт центарот. Зоолошката градина ги намали обврските за околу 5 милиони денари, а Градската библиотека за 2,5 милиони денари, со дополнително намалување од 2,5 милиони денари до крајот на оваа календарска година – рече Ѓорѓиевски.
Откочени важни капитални проекти
И додека ги враќаме старите долгови, инвестираме повеќе од кога било во главниот град – по најдобриот прв квартал во историјата на Град Скопје, зад нас е и најдобриот втор квартал според реализацијата на капиталните проекти, додаде тој.

– Скопјани предолго чекаа на патишта што требаше да поврзат населби, на мостови што требаше да го олеснат движењето, на решенија што требаше да станат дел од нашето секојдневие. Тоа чекање има цена за секое семејство. Затоа, инфраструктурните проекти ги презедовме како обврска кон луѓето чие време и трпение заслужуваат почит. Решително и забрзано се приближивме кон целта која што пред една година си ја поставивме пред нас, рамномерен развој на сите делови од нашето Скопје, современо уреден јавен простор и широки и проточни сообраќајни врски кои ќе овозможат нашите граѓани лесно и без застој да се движат низ нашиот град. Со голема посветеност успеавме да откочиме неколку исклучително значајни инфраструктурни проекти кои со години тонеа во заборав и негрижа – рече градоначалникот.
Изградбата на булеварот Борис Трајковски во општина Кисела Вода, на преостанатата делница од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, влегува во својата завршница, посоли тој.
– До крајот на оваа година, а може и пред зададениот рок, 100.000 наши граѓани ќе возат по целосно проширен, модерен и безбеден булевар на чија изградба се чекаше повеќе од 30 години. Привршува изградбата и на сложената клучка на Момин Поток, проект од особено значење за развој на три општини. Забрзано работиме на ставањето во функција на булеварот Македонија, првата подземна сообраќајница во Скопје – улиците што ќе се слеваат кон подземната сообраќајница ги проширивме и ги адаптиравме за очекуваниот зголемен интензитет на сообраќај и продолжуваме со градежните работи на другите фази од овој проект. Во Карпош ја поврзуваме улицата Љубљанска со улицата Скупи преку новиот мост на реката Вардар, која ќе биде готова до крајот на оваа одина. Ја расчистуваме и трасата на булеварот АСНОМ низ населбата Ќерамидница, со цел конечно ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ – најави градоначалникот.
Овие капитални проекти значително ќе го растоварат сообраќајот низ нашиот град и за првпат ќе поврзат делови од градот што претходно биле неповрзани, додаде тој,
– Дополнително, привршува и јавната набавка за проектирање и изведба на две монтажни катни гаражи со повеќе од 500 паркинг места во Клиничкиот центар, што е од исклучителна важност како и за пациентите, така и за медицинскиот персонал и за студентите таму. Важно е да споменам дека улиците Перо Наков во Гази баба и Фрањо Клуз во општина Аеродром веќе добија нов асфалт. Во тек е и обнова на улицата 101 во Ѓорче Петров, односно во Волково, изградба на булеварот Македонско-косовска бригада во Чаир и реконструкција на улиците Бутелска и Радишанска во Бутел и Лазо Трповски во Чаир, а наскоро започнуваме и со реконструкцијата на улицата Лазар Поп Трајков во Автокоманда – рече градоначалникот.
Изградбата на пречистителната станица е во полн ек
Тој додаде дека се посветува особена грижа на пешаците и на велосипедистите, за што се уредуваат пешачко-велосипедските патеки по должина на градските улици и булевари, на кејот на Вардар и покрај реката Серава, а поставени се и околу 2000 столпчиња за поголема безбедност и за ослободување на јавниот простор.
– Ја откочивме изградбата на новата пречистителна станица за отпадни води што се гради во Трубарево, која веќе е 40% реализирана. Пречистителната станица за Скопје е најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија, кој опфаќа изградба на околу 60 објекти што ќе донесат историска промена во заштитата на реката Вардар, животната средина и, пред сè, здравјето на нашиот народ – рече Ѓорѓиевски.
Нова водоводна мрежа добија жителите на Нерези, Бел Камен и Горно Лисиче, додаде тој.
Посочи и дека по неколку години негрижа и пропаѓање, темелно е обновена популарната подна фонтана на плоштадот Македонија, а проработеа фонтаните „Лотосов цвет“, „Воин на коњ“, „Олимпија“, „Паднати борци“. Обновен е споменикот на децата бегалци во Паркот жена борец, а засвете и Вечниот оган.
Исто така, целосно е реконструиран надвозникот Естакада во Гази Баба и улицата кон Горно Оризари во Шуто Оризари, каде што веќе имаме и други инфраструктурни зафати, додаде Ѓорѓиевски.
– Секое утро, кога нашиот сограѓанин тргнува на работа, кога ученикот тргнува на настава, кога повозрасниот човек треба да стигне на лекар, јавниот превоз мора да биде негов сигурен сојузник. Зад таа сигурност стојат возила, организација и одговорно управување. Токму таму ги насочивме и нашите напори. Скопје е на чекор да добие брз автобуски превоз (БРТ). Ги отстранивме пречките и создадовме услови БРТ конечно да влезе во фаза на реализација. На задоволство на сите, проектот претрпе измени – нема да се сече постојното зеленило на булеварите, автобусите ќе се движат по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се засади ново зеленило како природна бариера меѓу БРТ коридорот и останатиот сообраќај – рече Ѓорѓиевски.
Градскиот воз беше визија, а денес е реалност, додаде. Благодарение на Владата и на Министерството за транспорт, градскиот воз од 1 септември сообраќа на релација Зелениково – Скопје и за граѓаните нуди безбедно, брзо патување и, пред сè, заштеда на финансиски средства, а директно придонесува и за намалување на загадувањето кое потекнува од сообраќајот.
– ЈСП, во првите 6 месеци од годинава, во периодот кога на глобално ниво се зголемени цената на горивата, бележи заштеда од половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 поправени возила во сообраќајот, споредено со првите 6 месеци од истиот период лани – рече тој.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави и дека по една деценија Скопје ќе добие нови 100 еколошки автобуси, односно, завршена е набавката во Министерството за транспорт и следува испорака на возилата кои веднаш ќе се вклучат во јавниот превоз.
Екологијата е приоритет
Реле и дека сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со ГПС-уреди и се следат преку современ мониторинг центар, со што се овозможува поголема контрола и заштеда на горивото.
– Сликата што ја гледаме кога ќе излеземе од својот дом зборува за односот кон нашиот град. Чиста улица, уредено маало и јавен простор што се одржува се основни услови за достоинствен живот. За нив се потребни секојдневен труд, добра организација и служби опремени да ја завршат својата работа. Јавната чистота е уште еден исклучително важен сегмент на урбаното живеење на кој посветивме особено внимание. Во голема акција го исчистивме градот и ја оставивме зад нас сликата со преполни контејнери, натрупано ѓубре околу нив, диви депонии и нечисти јавни површини. Благодарение на одличната соработка со Владата на Република Македонија и со претседателот Христијан Мицкоски добивме нови специјални комунални возила, цистерни за миење на улиците и булеварите, метларки за одржување на јавните површини кои веќе се вклучија во одржување на јавната хигиена во нашиот град. Во исто време, Град Скопје со сопствени средства набави дополнителни специјализирани возила за „Комунална хигиена“. Пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери – најголема набавка од ваков тип во изминатите децении и тоа по речиси двојно пониска цена во однос на претходните набавки на контејнери, во услови на глобално зголемени цени – рече Ѓорѓиевски.
По спроведената физибилити студија, продолжи тој, забрзано се одвива и процесот за одгасување на депонијата „Вардариште“, а површинскиот слој од депонираниот мешан и градежен отпад се отстранува на безбедно. На тиа место ќе никне современ мега парк на површина од околу 600.000 квадратни метри, простор за рекреација и чист воздух, новите бели дробови на градот Скопје.
– Грижата за здравјето на граѓаните бара истрајност во секој дел од годината. Бара будност, бара контрола и, пред сè, подготвеност да се постапува секогаш кога е загрозен јавниот интерес. Нашата одговорност е да ги користиме надлежностите што ги имаме и да ги заштитуваме воздухот, водата и просторот што сите заедно го делиме. Преземаме засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети со редовни и вонредни надзори за контрола на загадувањето, не само во периодот од годината кога бележиме зголемено загадување на воздухот. Досега се изречени многубројни парични глоби и опомени, а така ќе биде и во периодот што следи. Воведуваме ред на јавните површини, а особено внимание посветуваме на локациите на кои што во минатото се создавале диви депонии. Во овој процес ќе ни помогне и видео надзорот кој наскоро ќе го поставиме на црните точки и дигитализацијата на градскиот инспекторат, со што ќе се олесни работата на инспекторите и ќе се зголеми нивната ефикасност. Видео надзорот ќе ни помогне да се справуваме и со вандализмот на урбаната опрема и на јавните површини. Нема да дозволиме неодговорни лица да го нагрдуваат лицето на нашиот заеднички дом. Скопје заслужува простор во кој децата ќе играат, семејствата ќе се среќаваат, а повозрасните ќе го наоѓаат својот мир. Секое ново дрво е залог за годините кои што доаѓаат. Секој нов парк е простор што им го враќаме на луѓето. Со таа мисла го шириме зеленилото во нашиот град – рече Ѓорѓиевски.
Грижата за здравјето на скопјани и за животната средина се гледа и преку нашата заложба за подигање и уредување на зеленилото во градот, а во Скопје во моментов се подигаат нови 200.000 квадратни метри зеленило во мега паркови и зелени коридори, додаде тој.
– Нов мега парк подигаме на местото на запуштениот простор по должината на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел, покрај реката Вардар во Сарај, во непосредна близина на последната станица на автобусот со број 5 во Ново Лисиче и на кејот на Вардар во Карпош.
Со нова урбана опрема ги уредуваме трите дела на паркот Македонија во Карпош, а зелени коридори подигаме и по должина на градските улици и булевари. На главната улица во Ѓорче Петров е веќе завршен. Обрнуваме внимание посебно и на заштитата и обновата на зеленилото во парк-шумата „Водно“. Темелно го реконструиравме дел од патот кон Средно Водно кој што е во надлежност на Градот Скопје, за првпат поставивме и ново ЛЕД осветлување, а уредивме и моторички парк со природни препреки и реквизити за развивање на рамнотежата – рече Ѓорѓиевски.
Нова опрема за средношколците, нов центар за пожарникарите
Тој зборуваше и за пожарникарите.
– Кога ќе се огласи повикот за помош, има луѓе што без двоумење ја преземаат најтешката задача. Нивната присебност, подготвеност и храброст спасуваат животи. Кон нив имаме обврска што мора да ја исполнуваме со дела: да им обезбедиме услови во кои ќе можат безбедно и ефикасно да го заштитуваат нашиот град. Скопските пожарникари – хероите на градот, се грижат за нашата благосостојба, а ние се грижиме за нив. Преку ребаланс на буџетот обезбедивме средства за изградба на нова противпожарна станица за Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, која што ќе се наоѓа во општина Аеродром во близина на Центарот за јавно здравје. Со изградбата на овој објект ќе се овозможи побрза реакција на пожарникарите при техничките интервенции, спасување на човечки животи и поефикасна заштита од пожари во урбаната средина, но и на отворен простор. За пожарникарите обезбедивме и ново специјализирано противпожарно возило, како донација. Екипираноста на противпожарната бригада ја подобривме со нов кадар, што е предуслов за успешна и безбедна работа – рече Ѓорѓиевски.
Во училниците денес растат луѓето што утре ќе го водат, ќе го градат и ќе го развиваат Скопје, додаде градоначалникот. Нивниот талент заслужува можност, нивната љубопитност заслужува поддршка, а нивните наставници заслужуваат услови во кои ќе можат да го дадат најдоброто од себе. Затоа вложувањето во образованието го сметаме за една од нашите најважни обврски.
– Новата учебна 2026/2027 година во средните училишта на Градот Скопје почна со нови и современо опремени кабинети по математика и физика, како и лаборатории по хемија и биологија, а во тек е и изградба на паметен пластеник – училишна лабораторија во која образованието, науката, технологијата и земјоделството ќе се спојат на едно место. Средните училишта ги опремивме со нова наставна опрема, современи дидактички помагала, интерактивна технологија и нов училиштен мебел, клупи и столчиња приспособени за потребите на учениците и наставата на 21 век. Средните училишта добија и нови спортски терени, фитнес зони, смарт табли, прочистувачи за воздух и кабинети за информатика. Реализиравме и најголема набавка за средното образование досега, со што ја потврдуваме нашата силна посветеност кон поквалитетно образование. Дополнително, работиме две средни училишта да добијат топлотни пумпи за греење, а четири училишта да добијат фотоволтаици, за да се намалат трошоците за потрошената енергија и да се заштити животната средина – рече тој.
За првпат досега обезбедивме лаптоп за секој првенец на генерацијата, летен едукативен камп за средношколците, како и награди за учениците со исклучителни резултати во спортот и образованието, додаде Ѓорѓиевски.
– Млад човек што верува во себе, што учи да се бори за својата цел и што има можност да го покаже својот талент е сила на целиот наш град. Наша задача е да создадеме простор за таа сила да расте на спортските терени, во салите и на местата каде што младите ги претвораат своите идеи во дела. Инвестирањето во спортот значи инвестирање во иднината, во здрави млади генерации, во дисциплина, дух на победа и силно општество. Скопје доби нов уреден спортски комплекс на кејот на реката Вардар. Реконструирани се запуштените игралишта за фудбал, кошарка, ракомет и одбојка на песок, а поставена е и нова урбана опрема, оформени се и современи фитнес-зони на отворено за рекреација и за здрав живот. Ги обновивме и спортските терени на кејот на Вардар во Маџир Маало. Она што за мене претставува голема гордост е што Скопје доби уште еден репрезентативен спортски објект – салата „Расадник“. Во мојот мандат како градоначалник на Општина Кисела Вода, салата ја затекнавме руинирана и демолирана, но со посветена работа и со силна поддршка од претседателот на Владата Христијан Мицкоски, „Расадник“ се претвори во модерен спортски објект со обновен терен, уредени трибини, нови соблекувални, и така натаму. Во Домот на културата „Кочо Рацин“ отворивме Младински хаб во соработка со УНДП, кој младите луѓе и младинските организации може бесплатно да го користат, да организираат работилници, да се едуцираат и да ги реализираат своите идеи – рече градоначалникот.
Тој наброја и дека е отворен шелтер-центар за помош на жртвите од семејно насилство, Центар за дневен престој за лица со попреченост од 14 години и нагоре во МКЦ, прв од ваков вид во градот, Центар за поддршка на лицата со дијабетес и Центар за лицата со церебрална парализа кои нудат директна помош, советување, едукација, дружење, психо-социјална поддршка и секојдневна грижа за оние на кои што тоа им е најпотребно.
Рече и дека Градот Скопје обезбеди парична помош за повеќе од 1.500 онколошки пациенти, како поддршка во нивната тешка борба.
– По интензивни и суштински разговори што ги водевме во Брисел, Скопје официјално ја задржа титулата Европска престолнина на културата за 2028 година. Соработуваме со сите скопски општини, со највисоките рангирани универзитети во Република Македонија и со нашите меѓународни партнери со цел да осмислиме комплетен културен производ кој Скопје ќе го претстави во најдоброто светло, како град на културата и на можностите, но пред сè, и на традицијата, историските споменици и приказни, и почитта кон различностите. Во пресрет на 2028 година ја отворивме и првата инфо-канцеларија на „Скопје 2028“, во просториите на Музејот на град Скопје. Се гради Универзалната сала – симболот на солидарноста и на културниот идентитет на нашето Скопје. Во тек е сеопфатен процес за уредување и ревитализација на просторот на Скопското Кале. Камениот мост наскоро ќе добие декоративно и архитектонско осветлување кое ќе ја истакне неговата историска убавина и симболика. По години пауза, Градот Скопје даде повторно поддршка за култната манифестација „Скопско лето“, а поддржуваме и многубројни културно-забавни манифестации и настани кои го привлекуваат вниманието на граѓаните од сите возрасти – рече тој.
Градоначалникот зборуваше и за дигиталната трансформација на Градот Скопје и за електронската достава на даночните решенија.
– Овие услуги се надополнуваат со даночниот ГИС-портал, наменет за просторно прикажување и проверка на имотните податоци. Репроценката на недвижниот имот во Општина Центар е во завршна фаза, со цел подобрување на евиденциите и поточно утврдување на даночната обврска. Во геопросторното управување, ГИС-порталот на Град Скопје обезбедува пристап до информации од урбанистичкото планирање, инфраструктурата, зеленилото и други градски содржини. Во тек е и изработката на дигитална реплика на Скопје, како основа за поврзување и анализа на просторните податоци и поддршка на планирањето и донесувањето на одлуки – рече тој.
Нови булевари и мостови
Најави голема есенска акција за засадување на над 6.000 дрвја во парковите и на јавните површини.
– И додека забрзано ги реализираме веќе почнатите инфраструктурни проекти, во Градот Скопје веќе се работи на нови капитални проекти кои ќе го решат долгогодишниот проблем на градот и ќе овозможат рамномерен развој на неговите населби, најави градоначалникот. Во тек се подготовките за капиталниот проект за изградба на мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај и ќе создадат нов влез во градот Скопје. Работиме и на проектот за изградба на булеварот Хасан Приштина и за изградба на нов мост преку Вардар што ќе ги поврзе Ново Лисиче со Маџари. Ќе се работи и на потребната документација за изградба на двата кружни тека што ќе бидат во функција на подземната сообраќајница зад Старата железничка станица. До крајот на мојот мандат како градоначалник, Скопје ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница. Верувам и дека следната година Скопје повторно ќе добие градско кино Милениум – рече Ѓорѓиевски.
На крајот даде збор дека програмата за која што ја доби довербата ќе ја исполни во целост.
– Нема да ви кажам дека секој чекор ќе биде лесен. Ќе има потешкотии. Ќе има денови што ќе ја стават на испит целата наша истрајност. Но нашата решителност ќе биде поголема од секоја потенцијална пречка. Ќе го довршиме започнатото. Ќе го исполниме ветеното. Со поддршка на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и на Владата во целост, со заедничка работа и јасна цел, на Скопје му претстои вистинска преродба. Преродба што ќе се гледа во новите улици и булевари, во парковите, во јавниот превоз. Преродба што ќе се чувствува во секојдневниот живот на нашиот народ – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во својот отчет по една година од мандатот.