ПОРАДИ ПОГРЕШНА ДИЈАГНОЗА Ѝ ГО ИЗВАДИЛЕ ЦЕЛИОТ ЖЕЛУДНИК! Хрватската јавност во шок, на лекарката ѝ се заканува затвор

Покрај желудникот, на жената ѝ биле отстранети и лимфни јазли, стомачната марамица, слепото црево и жолчното ќесе.

199

Шокантен медицински случај ја потресе Хрватска откако беше обелоденето дека на пациентка во загрепската болница „Сестри милосрдници“ ѝ бил отстранет целиот желудник поради дијагноза за рак, за која подоцна било утврдено дека е погрешна.

Операцијата била извршена кон крајот на 2023 година, а покрај желудникот, на жената ѝ биле отстранети и лимфни јазли, стомачната марамица, слепото црево и жолчното ќесе.






Дополнителните анализи покажале дека пациентката немала аденокарцином, како што првично било утврдено, туку мал невроендокрин тумор за кој, според наодите наведени во постапката, не била потребна толку обемна операција.

Пациентката побарала медицинска помош поради силни болки во желудникот. По гастроскопијата и биопсијата ѝ било соопштено дека има рак и дека мора да биде оперирана.

– Поради сè што ми се случи, трпам сериозни здравствени последици. Имам инвалидитет од 80 проценти, а сега имам стопроцентно телесно оштетување – изјавила жената.

По операцијата таа се соочува со мачнини, повраќање, дијареја, значително губење телесна тежина и посттрауматско стресно нарушување.

Хрватското обвинителство поднело обвинение против лекарката која ја поставила првичната дијагноза, товарејќи ја за несовесно лекување. Според обвинението, при анализата на биопсијата не биле направени дополнителни испитувања што би овозможиле разликување на двата вида тумори.

Лекарката ги оспорува обвинувањата и тврди дека биле спроведени дополнителни тестирања, како и дека пред операцијата требало да се провери дали дијагностичката постапка е целосно завршена.

Хирургот кој ја извршил операцијата изјавил дека не можел да го напипа туморот, но продолжил со зафатот врз основа на претходниот патохистолошки наод.

Судските вештаци утврдиле стручен пропуст при поставувањето на првичната дијагноза, додека кривичната постапка против лекарката сè уште не е правосилно завршена.

Поврзани содржини