ВИРТУЕЛНА БРЕМЕНОСТ НА ВИРТУЕЛНА ПЕЈАЧКА ОД ВИРТУЕЛЕН БЕНД Милиони луѓе зборуваат за бременоста на К-поп пејачка која воопшто не постои

Мити, членка на кинеската виртуелна група „Бејбиквин“, објави дека е бремена и дека привремено се повлекува од настапите. Но, зад необичната вест се крие уште понеобична вистина – сите членки на групата се создадени со вештачка интелигенција, а бременоста била измислена за да се отстрани една од нив.

56

Една К-поп група остана без своја членка откако на социјалните мрежи беше објавено дека е бремена и привремено ќе се повлече од музичките активности. Веста предизвика огромно внимание, но има еден поголем проблем: пејачката Мити воопшто не е вистинска личност. Таа е виртуелен лик создаден со помош на вештачка интелигенција, дел од кинеската група „Бејбиквин“ (BABYQUEEN).

Приказната стана вирална на кинеските социјални мрежи, а темата на платформата Веибо собра повеќе од 78 милиони прегледи. Она што почна како објава за бременост и привремено повлекување од сцената, набргу се претвори во расправа за границите на виртуелните личности и за тоа колку далеку можат да одат нивните креатори за да привлечат внимание.






Пејачката побарала приватност пред породувањето

На 12 октомври на профилот на групата била објавена информација дека Мити ќе ги прекине активностите поради бременоста и подготовките за породување. Во соопштението, објавено во име на фиктивната издавачка куќа „Бејбипуси ентертејнмент“ (BABYPVSSY Entertainment), било наведено дека одлуката била донесена по разговори со другите членки и тимот.

Следниот ден била објавена и порака напишана од перспектива на самата Мити, со фотографија на која виртуелната пејачка лежи во кревет во розова пижама. Таа наводно побарала од обожавателите да го почитуваат нејзиниот приватен живот и да не шпекулираат за околностите околу бременоста.

Реакциите биле бројни. Некои се прашувале како може лик создаден со вештачка интелигенција да забремени, други се шегувале со прашањето кој е таткото, а дел од публиката се сомневал дека станува збор за необичен маркетиншки потег.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sixth Tone (@sixthtone)

Креаторките признале дека ја измислиле бременоста

Вистината излегла на виделина откако девојките што стојат зад проектот објавиле објаснување. Тие признале дека Мити не е бремена и дека приказната ја измислиле затоа што им станало премногу напорно да управуваат со пет виртуелни пејачки.

– Ние сме само неколку девојки кои го сакаат К-попот и сè уште сме студентки – порачале креаторките, објаснувајќи дека создавањето содржини и одржувањето на различните виртуелни личности им одземало премногу време.

Групата „Бејбиквин“ се појавила во септември годинава, инспирирана од јужнокорејската музичка сцена. Секоја од петте виртуелни членки имала сопствен идентитет и профили на социјалните мрежи, каде што биле претставувани како вистински музички ѕвезди. Зад проектот не стои голема музичка компанија, туку група студентки кои го започнале истиот од љубов кон К-попот.

Креаторките тврделе дека досега не заработиле пари од проектот. По бранот критики, признале дека приказната за бременоста не била соодветен начин да се објасни повлекувањето на една од виртуелните членки.

Од шеги до критики и интернет-вознемирување

Необичната приказна се проширила и на Редит, каде што корисниците почнале да се шегуваат со ситуацијата. Некои коментираат дека креаторките можеле да смислат покреативно објаснување за заминувањето на виртуелната пејачка, наместо да измислат бременост.

Други се прашувале дали навистина е толку тешко да се управува со личности што не постојат, додека дел од коментарите ја споредувале ситуацијата со научнофантастични серии во кои виртуелните ликови почнуваат да се однесуваат како вистински луѓе.

Но, откако се појавиле информации дека креаторките биле изложени на навреди, лични напади и вознемирување на интернет, дел од корисниците застанале во нивна одбрана. Иако ја критикувале нивната одлука да ја искористат бременоста како дел од измислена приказна, сметале дека тоа не е оправдување за нападите врз девојките.

Мити можеби ќе продолжи како инфлуенсерка за мајчинство

И покрај повлекувањето од групата, виртуелната Мити можеби нема засекогаш да исчезне од интернетот. Меѓу идеите што ги споменале креаторките е таа во иднина да продолжи како актерка или како виртуелна инфлуенсерка што ќе објавува содржини поврзани со бременоста, мајчинството и производите за бебиња.

Така, ликот кој бил отстранет од музичката група со измислена приказна за бременост би можел да продолжи да гради кариера токму врз таа приказна.

Случајот отвори и пошироко прашање за виртуелните ѕвезди, кои сè почесто имаат сопствени профили, измислени биографии и следбеници што ги доживуваат како вистински личности. Кога нивните креатори им доделуваат човечки искуства, како љубовни врски, болести или бременост, границата меѓу забавата и манипулацијата со публиката станува сè понејасна.

Поврзани содржини