НОВАТА АМБАСАДОРКА НА ТРАМП ПРЕДИЗВИКА ШОК НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ Сите зборуваат за изгледот на Барбара Торнхил

Официјалниот портрет на Барбара Торнхил предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, каде што корисниците се прашуваа дали фотографијата е вистинска или дигитално обработена. Дали е ова уште едно лице од Мар-а-Лаго?

0

Американската администрација ја претстави Барбара Торнхил како нова специјална амбасадорка задолжена за следење и борба против трговијата со луѓе. Но, фотографијата објавена на социјалната мрежа Икс брзо стана вирална од сосема друга причина – наместо за нејзината нова функција, корисниците почнаа да го коментираат нејзиното лице.

Портретот го објави Рајли Барнс, помошник-државен секретар за демократија, човекови права и труд, кој ѝ посака добредојде во тимот на Стејт департментот. Објавата собра милиони прегледи, а под неа се појавија илјадници коментари.






– Морав да проверам дали ова е сатиричен профил – напишала една корисничка. Други се прашуваат дали фотографијата е вистинска и дали можеби била дигитално изменета. Некои коментари беа потсмешливи, додека други ја поврзаа нејзината појава со таканареченото „лице од Мар-а-Лаго“.

Овој израз се користи на интернет за да опише одредена естетика што дел од корисниците ја поврзуваат со жените од политичкиот и општествениот круг на Трамп. Најчесто се споменуваат нагласени јагодици, полни усни и затегната кожа.

Некои корисници ја споредуваа со Сузан Дел, сопругата на милијардерот и основач на технолошката компанија „Дел“, Мајкл Дел, чиј изглед исто така неодамна беше тема на интернет-дискусии. Други, пак, реагираа на начинот на кој жените се изложуваат на потсмев поради физичкиот изглед, сметајќи дека вниманието треба да биде насочено кон нивната работа и квалификации.

Инаку, Барбара Торнхил е деловна жена и филантропка од Лос Анџелес, а претходно била претседателка на компанијата „Импакт дизајн“, специјализирана за внатрешно уредување. Студирала на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес, Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ и Државниот универзитет на Северна Каролина. Според објавените биографски податоци, во 2019 година била номинирана за американска амбасадорка во Сингапур, но таа номинација не била реализирана.

Торнхил финансиски ги поддржувала и политичките активности на Трамп. Според податоците наведени во медиумските извештаи, во декември 2024 година донирала 98.527 долари за комитетот за организација на инаугурацијата на Трамп и Џеј-Ди Венс, а во јуни 2025 година донирала уште 44.300 долари за програмата „Тим 100“ на Републиканскиот национален комитет.

Нејзината нова функција е поврзана со координирање на американските напори за следење и сузбивање на трговијата со луѓе на меѓународно ниво. Во официјалната објава Барнс ја нарече трговијата со луѓе сериозно кршење на човековите права и меѓународен криминал во кој мажи, жени и деца се експлоатираат заради профит.

Поврзани содржини