ПАРИ ЗА ОТКАЖАН ЛЕТ ВО РОК ОД 14 ДЕНА Европскиот парламент усвои нови правила за заштита на патниците
Европскиот парламент ги усвои измените со 652 гласа „за“. За билетите купени преку туристички агенции и интернет-платформи се предвидува целосно враќање на парите во рок од 14 дена, а новите правила треба да се применуваат од октомври 2027 година.
Патниците што ќе останат без лет ќе добијат појасна постапка за враќање на парите, а авиокомпаниите и туристичките агенции ќе имаат конкретни рокови за исплата. Европскиот парламент усвои нови правила за зајакнување на правата на патниците, со кои треба да се олесни и поднесувањето барања за надомест, но и да се засили контролата врз транспортните компании.
Правилата беа усвоени на 20 октомври со 652 гласа „за“, два „против“ и осум воздржани, пренесува Ројтерс. Сепак, за нивната конечна примена потребно е формално одобрување од Советот на Европската Унија.
Една од најважните промени се однесува на патниците што купуваат авионски билети преку туристички агенции или интернет-платформи за резервации. Во случај на откажување на летот, тие ќе имаат право на целосно враќање на средствата во рок од 14 дена, вклучувајќи ги и провизиите за посредување.
Постапката ќе се одвива во две фази. Авиокомпанијата ќе треба да ги префрли парите на посредникот во рок од седум дена, а туристичката агенција или платформата ќе има уште седум дена да му ги врати средствата на патникот. Ако посредникот не ја исполни обврската во предвидениот рок, авиокомпанијата ќе мора да интервенира за да се обезбеди исплатата.
Новите правила предвидуваат и туристичките агенции и интернет-платформите уште при купувањето на билетот јасно да ги информираат патниците за постапката и роковите за враќање на парите.
Патниците ќе можат да користат унифицирани обрасци за барање враќање на средствата или компензација. Тие ќе бидат достапни на веб-страницата на Европската комисија на сите официјални јазици на ЕУ и ќе опфаќаат различни видови превоз.
Целта е да се поедностави постапката и да се намали потребата патниците да се снаоѓаат во различни процедури кај секој превозник. Ќе може да се користат и соодветни обрасци што ги обезбедуваат самите превозници, во согласност со правилата.
Поголема заштита е предвидена и за лицата со попреченост или намалена подвижност. Кога придружник е неопходен за исполнување на безбедносните услови, а превозникот не може сам да ја обезбеди потребната помош, придружникот ќе може да патува без дополнителна наплата. Предвидено е и соодветно соседно седиште.
Со новите правила се прошируваат и овластувањата на националните органи задолжени за заштита на правата на патниците. Тие ќе можат да започнуваат проверки, инспекции и истраги и без претходно да чекаат жалба од граѓаните.
Измените се однесуваат на правата на патниците во воздушниот, железничкиот, патниот, поморскиот и превозот по внатрешните водни патишта.
Според планираниот распоред, новите правила треба да почнат да се применуваат од 23 октомври 2027 година, откако ќе завршат потребните формални постапки.
Усвојувањето на измените е насочено кон појасни обврски за транспортните компании и полесно остварување на правата на патниците кога патувањето ќе биде откажано или нарушено.