📽️ НАПНАТО ВО „ИНФОРМЕР ТВ“, ГРАЃАНИ ВЛЕГОА ВО РЕДАКЦИЈАТА Уредникот бараше помош од полицијата и од Срдановиќ
Голема група граѓани се собра пред редакцијата на провладиниот медиум во Белград, по што дел од нив влегоа во зградата. Уредникот Драган Ј. Вучиќевиќ побара полициска интервенција, а на местото пристигнаа и единици опремени за разбивање демонстрации.
Голема група граѓани вечерва се собра пред редакцијата на провладиниот таблоид „Информер“ во Белград, по што дел од присутните влегоа во просториите на медиумот. За време на пренос во живо, главниот и одговорен уредник Драган Ј. Вучиќевиќ тврдеше дека се случува „заложничка криза“ и побара итна интервенција од полицијата.
Собирот првично се одвивал пред зградата на медиумот, каде што присутните извикувале пароли упатени кон Вучиќевиќ. Меѓу собраните била и Дијана Хрка.
Вучиќевиќ им ја честитал изборната победа на присутните, но вербалната конфронтација продолжила. Во расправијата се вклучила и Хрка, која изразила незадоволство од начинот на кој „Информер“ известувал за студентите, особено за неа и нејзиниот син Стефан, кој загина при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
– Кој е „усташа“? – му довикнала Хрка на уредникот.
Присутните го прашувале Вучиќевиќ зошто медиумот објавувал одредени содржини и ги нарекувал „усташи“, користејќи и други навредливи изрази. Тој, пак, одговорил дека не ги нарекувал така.
Подоцна, дел од граѓаните влегле во редакцијата. Според достапните снимки, некои од нив фрлале предмети што ги затекнале на работните маси, меѓу кои и компјутерски глувчиња.
Камерите во зградата продолжиле да го снимаат настанот. Во еден момент, Вучиќевиќ и дел од присутните се упатиле кон други простории во редакцијата, по што излегле од кадарот.
Преносот извесно време прикажувал два кадра – соборен монитор на работна маса и безбедносна камера пред влезот на зградата, каде што се гледала насобраната толпа. Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат дека расправијата продолжила и во други делови од просториите на Информер ТВ.
На местото пристигнале и полициски единици, меѓу кои и полицајци опремени за интервенција при демонстрации.
“Nikad nisam rekao da ste ustaše”
Hm …. 👀 https://t.co/H5VmhnIGG5
— Shonetin (@kaonikotinn) October 26, 2026
За време на преносот во живо, Вучиќевиќ јавно го повикал Илија Срдановиќ, носител на победничката „Студентска листа“, да интервенира и да ја запре групата. Тој се обидел да ја контактира и полицијата, но изјавил дека никој не одговара на неговиот повик.
View this post on Instagram
Во еден момент, му рекол на колега да повика брза помош, наведувајќи дека Нина Кубуровиќ доживува епилептичен напад. Кратко потоа, дел од присутните влегле во просториите на медиумот.
– Никогаш не реков дека сте усташи – им рекол Вучиќевиќ на присутните.
Засега нема официјални информации од полицијата за евентуални инциденти, повредени лица или приведувања поврзани со вечерашниот собир.
View this post on Instagram
Во моментот на составување на овој извештај, на веб-страницата на „Информер ТВ“ немало објава со сведоштво за настаните во редакцијата.