ПОЧНУВА 45. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ Од Норвешка и Исланд до Јужна Африка и Бразил, годинашното издание носи изведувачи од 13 земји

Фестивалот почнува вечерва (15.10) во Националната опера и балет, со настапи на словенечкиот состав на Златко Каучиќ, октетот на Леонард Скорупа и дуото на Пасквале Мира и Хамид Дрејк. До 18 октомври, публиката ќе има можност да слушне програма посветена на истражувањето на нови звуци и на поместувањето на границите на современиот џез.

25

Вечерва (15.октомври) почнува 45. Скопски џез фестивал, кој во текот на 4 фестивалски вечери ќе ја претвори Националната опера и балет во центар на современите џез-истражувања. Годинашното издание носи изведувачи од дури 13 земји, а организаторите нагласуваат дека речиси сите концерти се ексклузивни настапи, подготвени специјално за скопската публика во овој период.

Скопскиот џез фестивал со години гради репутација на настан што не се задоволува само со претставување на добро познатите музички форми, туку го истражува и она што џезот може да стане. Додека многу европски фестивали се насочени кон зачувување на традицијата, скопскиот фестивал се издвојува со програма што отвора простор за експериментирање, нови звучни решенија и редефинирање на современиот џез. Токму таа програмска ориентација, според организаторите, е една од причините за неговиот култен статус на европската и светската џез-сцена, велат организаторите.






Првата фестивалска вечер, во Националната опера и балет, во 20 часот ќе ја отвори Zlatko Kaučič Kombo BC од Словенија со програмата „Bravery of the Brave“. Во 22 часот следува Leonhard Skorupa New Quispel Octet, меѓународен состав со музичари од Австрија, Германија, САД и Македонија. По полноќ, на Малата сцена на Националната опера и балет, ќе настапат италијанскиот перкусионист Пасквале Мира и американскиот тапанар Хамид Дрејк со проектот „Lahsa“.

На 16 октомври, во рамките на програмата „Punkt International“, ќе настапат норвешките музичари Ејвинд Орсет и Јан Банг со „Dream Logic“, а потоа и исландскиот тандем Скули Сверисон и Олоф Арналдс. По полноќ, програмата „Punkt Live Remix“ ќе ја продолжат Ерик Оноре и Јан Банг од Норвешка. На 17 октомври, вечерта ќе ја одбележат македонскиот состав на Андреа Мирческа со „Lullaby for Lunatics“ и јужноафриканскиот музичар Ндудузо Махатини, а по полноќ следуваат британскиот пијанист Александар Хокинс и шведската вокалистка Софија Јернберг со проектот „Musho“.

Завршната вечер, на 18 октомври, носи два различни музички пристапа: São Paulo Underground, состав поврзан со американската и бразилската музичка сцена, и францускиот Vincent Peirani Quintet со проектот „Living Being“. Освен концертната програма, фестивалот ја продолжува традицијата на прикажување значајни музички документарни филмови, а на програмата повторно е и работилницата „Џез за деца“. Дизајнот на ова издание е на ликовниот уметник Џоле Јовановиќ.

Организаторите нагласуваат дека на ова издание не гледаат како на јубилејно, туку како на продолжување на програмската определба фестивалот да ги претставува актуелните и иновативни текови во џезот, без приспособување кон очекувањата на масовната публика. Во следните четири дена, Скопје повторно ќе биде место за средба на различни музички култури, жанровски експерименти и уметници што ја поместуваат границата на она што го подразбираме под џез.

Поврзани содржини