БРИСЕЛ СЕ ФОКУСИРА НА ДЕБЛОКИРАЊЕ НА ПРИСТАПНИОТ ПРОЦЕС НА МАКЕДОНИЈА Урсула фон дер Лајен повторно очекува „храбра одлука“ од Скопје

И сега има само еден клучен чекор којшто треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер основи. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа, рече претседателката на Европската комисија на прес-конференција во Скопје.

294

Европската комисија се фокусира на деблокирање на пристапниот процес за Македонија, по што би можеле да следуваат и конкретни патокази за земјата, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Скопје.

Одговарајќи на прашање за изоставувањето на Македонија од патоказите што Брисел ги подготвува за дел од земјите кандидати, Фон дер Лајен потврди дека следната недела треба да биде направен првиот нов чекор во насока на деблокирање на процесот.






Таа рече дека целта е постојната ситуација да се деблокира и процесот повторно да се активира.

– Се договоривме да имаме еден прв нов чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот и, всушност, да го претвориме во процес. Тоа е најважниот дел – рече Фон дер Лајен.

Според неа, следната недела ќе биде разгледан целиот пристапен процес. Таа објасни дека патоказите во моментов се однесуваат на државите кои веќе се длабоко навлезени во пристапните преговори и отвораат и затвораат поглавја.

Фон дер Лајен оцени дека, доколку се деблокира ситуацијата, процесот со Македонија може да се одвива брзо, бидејќи, како што рече, земјата веќе интензивно работи на неопходните реформи.

– Во моментот кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Македонија, затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направено – порача таа.

Во својот говор таа рече дека нејзината порака е јасна: „Вие ни припаѓате нам, на масата во Европската Унија.“

– Северна Македонија навистина постигна успех со Планот за раст и тоа е благодарение на вашиот личен ангажман, на вашата лична подготвеност и ви благодарам за тоа. Веќе добивте 140 милиони евра, а ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели, а напредокот е навистина импресивен – рече Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.

Таа истакна дека Северна Македонија повторно покажа дека може да носи храбри одлуки за својата иднина, како што посочи, Преспанскиот договор бил момент на вистинска политичка храброст со две земји коишто избрале да свртат нова страница и да го пишуваат новото поглавје од историјата заедно – ја отвори вратата кон членството во НАТО и денес Северна Македонија е навистина ценет сојузник, слично и во Европската Унија ние ја градиме нашата безбедност заедно.

– Вие бевте првата земја во регионот која што го потпиша партнерството за одбрана и безбедност и која ги искористи инструментите за европска безбедност. Вие сте дел од Коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната, Северна Македонија се исправи и вие помагате на нашата Унија и ние сме навистина мошне благодарни за тоа. Ова е Северна Македонија која што ние ја знаеме, земја која што стои на зборот, земја која што припаѓа на масата во Европската Унија и мојата порака е ова. Јасно вие ни припаѓате нам – порача Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК потсети дека со многу труд, со посветеност, пристапните преговори почнаа во 2022, и дека скрининг процесот беше завршен за помалку од една година.

– И сега има само еден клучен чекор којшто треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер основи. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа. Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик може да ја направат нашата Унија побогата. Затоа што нашето мото е – различност и обединетост – и ние сме мошне сериозни по тоа прашање – рече Фон дер Лајен.

Поврзани содржини