СДСМ меѓу фракциите, старите сенки и кризата на идентитетот: Знаат ли што прават?

Политичка партија не постои за бесконечно да ги расчистува сопствените внатрешни сметки, ниту за постојано да утврдува кој има поголемо право врз нејзиното минато. Нејзината суштина е да создава идеи, да нуди политики и да им понуди избор на граѓаните. Лидер може да се смени. Раководство може повторно да се избере. Конгрес може повторно да се свика. Но довербата, еднаш сериозно нарушена, многу тешко се обновува.

0

Некогаш политичката криза најдобро се гледа низ изборниот резултат, некогаш низ падот на рејтингот, а некогаш е доволно само внимателно да ги слушнете луѓето кои тврдат дека сакаат да ја спасат сопствената партија. Токму тоа деновиве се случува во СДСМ. Едни го бранат Венко Филипче, други бараат негова смена; едни зборуваат за обид за поделба на партијата, други тврдат дека партијата е заробена и доведена до работ на политичка ирелевантност.

Пред некој ден Платформата за промени се огради од политичкото наследство на Зоран Заев, се дистанцираше од Бранко Црвенковски, упати остри критики кон ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено јавно оцени дека актуелното раководство на СДСМ ѝ обезбедува политички комфор на власта. Претставниците на Платформата, односно критичарите на актуелното раководство на СДСМ, оценуваат дека партијата е доведена до „егзистенцијален минимум“ и дека треба да биде преземена додека, според нив, сè уште има што да се спасува.

И токму тука почнуваат моите дилеми. Не затоа што во една демократска партија не треба да постојат различни мислења. Напротив, моето лично политичко искуство на овој план е доволно големо и поучно за добро да знам колку се важни внатрешната дебата, различното мислење и правото на несогласување. Партија без таква дебата многу лесно станува затворена, узурпирана од тесен круг луѓе, самодоволна и неспособна реално да ја согледа сопствената состојба.

Барањето за смена на лидер не е нешто недозволиво или недемократско. Ниту еден политички лидер не смее да биде незаменлив, ниту неговата позиција да биде заштитена со автократски поставени статутарни одредби што ја ограничуваат можноста за вистинска внатрепартиска конкуренција и промена.

Но едно е судир околу концепти, политики и идни правци на дејствување, а сосема друго состојба во која речиси секој му објаснува на секого дека токму тој е причината за пропаста. Во СДСМ веќе одамна не се спори само околу некоја кадровска одлука, изборна стратегија или некој преземен политички потег или акција. Се преиспитува речиси сè: раководењето, наследството, кадровската политика, односот кон поранешните лидери, идеолошкиот профил, па дури и самата смисла на партијата во сегашниот политички амбиент.

Оттука и прашањата што неминовно се отвораат.

Кој ја доведе партијата до оваа состојба? Филипче, Заев или можеби сите претходни раководства? Клиентелизмот и кадровските компромиси или изневерените очекувања по Шарената револуција? Погрешните политички проценки или како што тврди актуелното раководство, станува збор за организиран обид дополнително да се подели СДСМ?

Филипче веќе ја нарече иницијативата „ЗНАМ 2.0“ и јавно ја поврза со интереси блиски до власта, изнесувајќи и конкретни тврдења за тендер од 1,6 милиони евра поврзан со фирма со која соработувал еден од луѓето од Платформата. Тоа се тврдења на Филипче и на СДСМ, а засегнатата страна ги оспорува и најави правна постапка.

Тука веќе политиката почнува да наликува на циркус. Не поради самите несогласувања, туку затоа што расправата сè помалку личи на сериозна дебата за иднината на една некогаш голема политичка партија, а сè повеќе на пресметка кој кому бил близок, кој кого предал, кој е „вистински“ социјалдемократ, кој е нечие продолжение и кој има поголемо морално право да ја преземе партијата.

Сето тоа можеби е важно за внатрепартиските односи и за оние што ја водат оваа битка, но за граѓаните суштинското прашање е друго. Нив не ги интересира кој ќе излезе како победник од една фракциска пресметка, ако по неа ништо суштински не се промени. Нив ги интересира што им се нуди како политичка алтернатива.

Да претпоставиме дека Филипче утре ќе си замине. Што се случува задутре? Каква економска и социјална политика ќе понуди новото раководство на СДСМ? Каков концепт ќе има за институциите, европските интеграции, односите со Бугарија, борбата против корупцијата и кадровската политика? И, можеби најважно од сè, што суштински ќе биде поинакво во начинот на идното дејствување на партијата?

На настапот на Платформата слушнавме многу за тоа што не чини и кој е виновен. Слушнавме и дека не се планира формирање нова партија, ниту независни листи, ниту повик да се гласа против СДСМ. Амбицијата е промена однатре и преземање на партијата. Но тука, според мене, е суштинскиот проблем. Политичка партија не се обновува и не се рехабилитира само со промена на името на вратата од претседателскиот кабинет.

Затоа кризата во СДСМ денес не е само лидерска. Таа е многу подлабока и, пред сè, е криза на партискиот политички идентитет, криза на идеи, на програмска понуда и на способноста да се понуди нешто свежо, привлечно, но и реално остварливо за граѓаните.

И затоа логично ми се наметнува прашањето: Што е СДСМ денес? Партија што сака да го брани политичкото наследство од периодот на Заев или партија што сака да раскине со него? Партија што се повикува на својата повеќедецениска традиција или партија што сака да направи радикален дисконтинуитет со значаен дел од сопственото минато? Социјалдемократска партија со јасна идеолошка основа или широка политичка структура во која различни групи водат персонални битки под исто име и исто лого? И, конечно, она најважното: дали СДСМ денес е опозиција на власта или сè повеќе станува опозиција самата на себе?

Тука доаѓаме и до чудната политичка геометрија што ја создава Платформата. Таа не е со Филипче, се оградува од Заев, се дистанцира од Црвенковски, го критикува ЗНАМ и го напаѓа ВМРО-ДПМНЕ. Не сака нова партија, не сака независни листи, не сака да повикува против СДСМ, а сака да го преземе СДСM.

Затоа, сосема природно, логично и јавно е да ги поставам и овие две прашања: Со кого и, уште поважно, со што? Со каква нова политичка идеја, со каква визија и со каков вредносен систем? И, конечно, со каков поинаков начин на политичко делување? Затоа мислам и тврдам дека не е доволно само јавно да се каже дека сегашниве и старите не чинат. Ако навистина се претендира на промена, тогаш треба да се покаже што точно ќе биде поинаку и зошто новите би биле подобри од оние што сега се критикуваат. Во спротивно, целата операција почнува да личи на борба за командното место на „Титаник“ во момент кога бродот веќе тоне, а речиси и да му нема спас.

А токму тука, според мене, се гледа и најголемиот парадокс. Додека едните во СДСМ ги обвинуваат другите дека ја уништуваат партијата, другите возвраќаат дека првите со своето однесување фактички ѝ одат во прилог на власта. И така, наместо политичката енергија да биде насочена кон градење сериозна опозициска алтернатива, таа се троши во внатрешна пресметка од која најмалку корист има самиот СДСМ.

Кога една опозициска партија најголем дел од својата енергија го троши на сопствените конфликти, власта по природата на нештата добива повеќе политички простор. Не затоа што по автоматизам станува поуспешна, туку затоа што спроти себе нема доволно силна, консолидирана и уверлива политичка алтернатива.

Во суштина, нешто слично признаваат и самите луѓе од Платформата. Поранешниот висок партиски функционер Игор Ивановски оцени дека високиот рејтинг на власта не е резултат само на нејзини мерливи успеси, туку и на фактот што во моментов нема доволно силна политичка алтернатива. Ако е така, тогаш проблемот на СДСМ очигледно не се сведува само на тоа кој ќе биде претседател на партијата. Проблемот е многу поширок и затоа логично се наметнува дилемата дали партијата воопшто ќе успее повторно да се наметне како сериозна и уверлива политичка опција.

Затоа и прашањето дали Венко Филипче ќе остане претседател на СДСМ, колку и да е важно во овој момент, не е суштинското прашање. Лидерите доаѓаат и си заминуваат, претседателствата се менуваат, конгресите избираат нови луѓе, а фракциите победуваат и губат. Многу поважно е дали СДСМ знае што сака да биде и каде сака да оди? Ако го знае тоа, тогаш треба јасно да им го каже и на членството и на јавноста. Ако не го знае, тогаш смената на еден човек нема да реши ништо. Ќе се смени актерот, но сцената ќе остане иста.

На крајот, можеби најголемата опасност за СДСМ не е ниту Филипче, ниту Платформата, ниту Заев, ниту Црвенковски, ниту ЗНАМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата опасност е партијата толку долго да се занимава со сопствените внатрешни пресметки, што на крајот да заборави зошто постои, кого треба да претставува и што треба да им понуди на граѓаните.

Политичка партија не постои за бесконечно да ги расчистува сопствените внатрешни сметки, ниту за постојано да утврдува кој има поголемо право врз нејзиното минато. Нејзината суштина е да создава идеи, да нуди политики и да им понуди избор на граѓаните. Лидер може да се смени. Раководство може повторно да се избере. Конгрес може повторно да се свика. Но довербата, еднаш сериозно нарушена, многу тешко се обновува.

И затоа, ако СДСМ продолжи подолго да се занимава со прашањето кој треба да го води, наместо со прашањето каде треба да оди, тогаш наскоро можеби навистина нема да биде најважно прашањето: Кој ќе го води СДСМ? Туку: Што остана да се води?

Поврзани содржини