ПОЛСКА, СЛОВЕНИЈА, ХРВАТСКА И УШТЕ ТРИ ЗЕМЈИ ФОРМИРАА ФОНД НА ИНИЦИЈАТИВАТА „ТРИ МОРИЊА“ Ќе инвестира во инфраструктурни проекти во земјите од Централна и Источна Европа

Иницијативата „Три мориња“ е геополитичка и економска платформа која ги поврзува земјите од Централна, Источна и Јужна Европа меѓу Јадранското, Балтичкото и Црното Море.

63

Полската банка BGK денеска објави дека, заедно со пет развојни институции од Централна и Источна Европа и Европскиот инвестициски фонд (EIF), основала нов фонд за инвестиции во инфраструктура во регионот, Фондот за инфраструктура на иницијативата „Три мориња“ (3SII FoF), со почетен капитал од 360 милиони евра.

Официјалното потпишување на документот за основање на фондот се одржа во Љубљана, а основачки инвеститори на 3SII FoF се развојни институции од шест земји, имено полската BGK, хрватската банка за обнова и развој HBOR, романската BID, литванската ILTE, словенечката SID банка и бугарското Министерство за иновации и раст.






Вкупниот придонес на националните развојни институции изнесува 180 милиони евра, додека EIF го дуплира тој износ, така што почетниот капитал на фондот достигнува 360 милиони евра, наведува BGK на својата веб-страница.

Фондот ќе инвестира во инфраструктурни фондови што работат во земјите што учествуваат во иницијативата „Три мориња“, со фокус на модерна енергетска, транспортна, дигитална и социјална инфраструктура.

Целта е фондот да привлече приватен капитал за инфраструктурни проекти во Централна и Источна Европа и да мобилизира вкупно околу две милијарди евра.

Фондот наведува дека е отворен за приклучување и на други земји од Централна и Источна Европа.

Иницијативата „Три мориња“ е геополитичка и економска платформа која ги поврзува земјите од Централна, Источна и Јужна Европа меѓу Јадранското, Балтичкото и Црното Море.

Македонија не е дел од оваа иницијатива, но се води активна дебата за нејзино приклучување со цел да се  подобрат врските преку транспортните Коридори 8 и 10.

Поврзани содржини