НЕПАЛ БАРА ГРАНТОВИ ЗА ДА НЕ ТОНЕ ВО НОВИ ДОЛГОВИ Премиерот бара неповратна помош по разорните поплави

Непалскиот премиер Балендра Шах пред Генералното собрание на ОН побара меѓународна помош во форма на грантови, предупредувајќи дека обновата по катастрофалните поплави ќе чини околу 10 отсто од БДП.

39

Непал побара од меѓународната заедница да обезбеди неповратна финансиска помош за обновата по катастрофалните поплави и одрони предизвикани од глацијален колапс, предупредувајќи дека земјата не смее дополнително да се задолжува за да ги санира последиците од климатската катастрофа.

Непалскиот премиер Балендра Шах во говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк изјави дека потребите за обнова и реконструкција се проценуваат на околу 10 отсто од бруто домашниот производ на земјата.






Шах порача дека земјите кои се особено изложени на климатски катастрофи не треба да бидат принудени да земаат нови заеми за да ги обноват домовите, патиштата и инфраструктурата уништени во природни непогоди.

Наместо тоа, според него, на сиромашните и ранливи држави им е потребна доволна меѓународна помош во форма на грантови – средства што не треба да се враќаат.

Катастрофалните поплави го погодија Непал на 26 август, откако колапс на глечер во близина на границата со Кина предизвика огромен бран вода, кал и камења кој се спушти низ планинските долини. Последиците беа особено тешки во долината на реката Бхоте Коши и поширокиот регион на Тришули.

Во текот на катастрофата беа уништени или оштетени патишта, мостови, домови, училишта и хидроенергетски објекти, а илјадници луѓе останаа без домови и извори на приходи.

Шах предупреди дека трагедијата не е само непогода за Непал, туку и предупредување за зголемените ризици со кои се соочуваат планинските региони поради климатските промени.

Непалскиот премиер повика на промена на начинот на кој меѓународната заедница им помага на земјите погодени од климатски катастрофи.

Според него, земјите кои имаат најмала одговорност за глобалните емисии на стакленички гасови често се меѓу најтешко погодените од последиците на климатските промени, а потоа се принудени дополнително да се задолжуваат за да ја обноват инфраструктурата.

Шах истакна дека Непал сака да ја зајакне и регионалната соработка со Индија и Кина, особено во делот на превенцијата и раното предупредување.

Тој предложи размена на сателитски податоци, подобро следење на глацијалните езера, воспоставување системи за рано предупредување и заедничко дејствување во случај на нови катастрофи.

Спасувачките и потрагата по исчезнатите продолжуваат со недели по катастрофата.

Според поновите податоци, повеќе од 6.000 луѓе и натаму се водат како исчезнати, а властите предупредуваат дека дел од нив можеби никогаш нема да бидат пронајдени.

Бројот на жртвите во Непал достигна околу 1.400, додека во соседниот кинески регион Тибет исто така има жртви и исчезнати. Бројките се менуваат со текот на пребарувањето и идентификацијата на телата.

Меѓу најтешко погодените се и хидроенергетските објекти, каде што дел од работниците останаа заробени во тунели под огромни наслаги кал, камења и отпад.

Светската банка оваа недела стави на располагање до 170 милиони долари итно финансирање за Непал. Средствата се наменети за итната реакција и почетокот на обновата на критичната инфраструктура и основните услуги.

Од Светската банка соопштија дека, покрај итната помош, подготвени се да поддржат и обновување на трговијата, реконструкција и инвестиции во поотпорна инфраструктура, како и подобрување на системите за подготвеност за идни катастрофи.

Катастрофата остави огромни последици врз Непал, а владата сега се соочува со задачата истовремено да ги продолжи потрагата по исчезнатите, да им помогне на преживеаните и да започне една од најголемите реконструкции во поновата историја на земјата.

Поврзани содржини